Зголемувањето на технолошкиот развој и конкурентноста на компаниите, инвестирањето во капитални проекти и вложувањето во човечкиот капитал треба да бидат во фокусот на државата за да се постигне забрзан економски раст и да се подобри животот на граѓаните. Од голема важност е и учеството на дијаспората и нивното инвестирање во сопствената држава.

Ваква порака испратија учесниците на првиот ден на 9. Самит „Македонија 2025“, што започна вчера, кој поради пандемијата со Ковид -19 се одржува онлајн. Во фокусот на самитот се економските реформи и заздравувањето на економиите, а во следните два дена се очекува вклучување на над 400 високи претставници на институции и организации, дипломати, извршни директори, претприемачи, членови на академијата и млади лидери. Целта е во време на криза да се соберат позитивни знаења, искуства и добри практики и тоа да се искористи за развој на економиите.

Државата е подготвена да не штеди пари, ресурси и потенцијали и да вложи во јакнење на технолошкиот и човечкиот потенцијал. Нашата предност е човекот. Генерално, имаме добро образование кое мораме да го преадаптираме на модерните трендови на потребите на пазарот на трудот, истакна премиерот Зоран Заев, кој заедно со евроамбасадорот Дејвид Гир учествуваше на првиот панел на самитот.

Порача дека во земјава нема евтина работна сила, туку квалитетна работна сила која треба да се преквалификува и да се помогне.

Евроамбасадорот Гир смета дека С. Македонија има иднина. Убеден е дека со забрзување на реформите, ќе се забрза и процесот на евроинтрегација на земјата. За реформите, вели, не се важни само за евроинтегративниот процес, туку и за самата земја.

Големо внимание привлече панелот што го водеше претседателот на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство, генерален менаџер на Костал и член на Управниот одбор на „Македонија 2025“, Виктор Мизо со Дејвид Ист, експерт за прекугранични инвестиции, со над 19 години искуство во индустријата што работи со големи мултинационални компании, водечки консултанти, мултилатерални организации, владини агенции за промовирање инвестиции и академски институции на глобално ниво.

Во контекст на Македонија, тој рече дека државава има сопствени адути во однос на регионт и може да биде конкурентна во привлекување на инвестиции, но треба економските политики да ги насочи во вистинскиот правец.

Една од областите во кои Македонија може да се насочи е производството на електрични возила, затоа што има широк спектар на работна сила, односно работници кои веќе имат искуство во автомобилската индустрија. Производството на батерии за електрични возила исто така може да биде привлечно за инвеститорите, но јас немам кристална кугла, сепак тоа е до владата која низ контакти со инвеститорите треба да изгради стратегија во кој правец ќе се движи земјата. – посочи Ист.

Запрашан како понатаму, дали државата треба да се насочи кон инвеститорите и инвестициите во време на пандемија, или треба да се фокусира на периодот после кризата, Ист со одговор дека пристапот треба да биде комбиниран.

Треба да се поддржат постоечките инвеститори сега, затоа што можеби по завршување на кризата може да нема кој да се поддржи. Оттаму од исклучителна важност е владата да продолжи да ги поддржува напорите на постоечките инвеститори. Исто така една од работите кои треба да ги направи владата е да ги идентификуваа новите области кои бележат раст како што се IT технологиите, производството на софтвер, паметни уреди и логистика, развој на вештачка интелигенција, онлајн игри… Ова се области кои бележат значителен раст изминатиот период. – вели Ист.

Во онлајн разговорот со Мизо тој истакна дека пандемијата ќе поттикне поголема регионализација во светски рамки, САД повеќе ќе се свртат кон Америка, Кина кон Азија, а Европа кон Европа, но тоа нема да влијае во голема мерка на глобалниот пазар. Оттаму смета тој, Македонија треба да продолжи да ги промовира можностите за инвестиции во светот, додавајќи дека таквото присуство во глобални рамки денес е попотрбно од било кога.

Во обид да и се помогне на сопствената држава, од „Македонија 2025“ имаат изработено онлајн платформа за поврзување на македонски компании со компнании, професионалци и експерти со македонско потекло од светот.

OhridNews