Македонија загуби од Чешка 27:25 во второто коло од Б групата на Европското првенство во ракомет што се игра во Австрија, Шведска и Норвешка.

Вечерва во Виена црвено жолтите иако беа носени на крилата на неколку илјади навивачи, потклекнаа во клучните моменти од мечот. Првиот дел Македонија го доби 11:9, но во второто полувреме нашата репрезентација едноставно застана. Без вистинско решение на голот и во одбраната, со големи осцилации во нападот и дозволивме на Чешка предводена од извонредниот Мартин Галиа на голот брзо да го стигне нашето водство и да го преземе.

Во еден момент чесите направија +4, на што возвративме со иста мера за неизвесна завршница, но од егал ситуација ние ги промашивме нашите напади во финишот, а Чешка не, за конечен триумф 27:25.

Македонија шанса за евентуален пласман понатаму ќе бара во последниот меч од групата на 14 јануари против домаќинот Австрија, но за тоа ќе се прашуваат и другите репрезентации во групата.

Г.М.