Александар вовел и реформи во армијата. Покрај наемничките, платенички војски составени од припадници на други народи, тој почнал да регрутира и доброволци, не само како војници туку и лица со повисоки чинови, на кои им биле доделени високи раководни места. Во подготовките на планот за влегувањето во Пенџаб, армиските формации биле модифицирани. Персијанците биле инкорпорирани во сите рангови и поставени на авторитетни позиции; овие регрути биле под целосна доверба, бидејќи сите биле желни да ја докажат својата вредност и да ја добијат пофалбата на нивниот крал. Оваа реконструкција на армијата довела до големо задоволство кај Персијанците; докажала дека фузијата (спојувањето) на народите предложена во Опис не била елоквенција на политичарите во потрага по аплауз, туку реалност која Кралот ја одредил во срцето. Реорганизацијата во армијата што ја извршил Александар, иако на неа оштро се противеле Македонците кои не сакале да бидат на иста страна заедно со оние кои до тогаш им биле смртни непријатели, овозможило инкорпорирање на странците, т.е. домородното население да се вклучи и во процесот на военото уредување на големата Империја, поточно да не се почувствува како потчинета структура, туку како рамноправен субјект во државните апарати.
Со доаѓањето на Александар дошле и новите методи на владеење во цивилната, воената и финансиската администрација. Како што Александар бил способен и брз во промената и модифицирањето на борбените тактики во пресрет на новонастанатите ситуации, така и ги адаптирал новите политички методи и ги прилагодил спрема различните региони на неговата Империја. Тој никогаш не се колебал да ги тргне настрана оние кои биле неуспешни; неуспехот само го стимулирал да размислува за попрактични решенија. Главните позиции во владеењето најпрвин им биле доделувани на Македонците, а подоцна и на персиските сатрапи, но финансиите и опорезувањето останало во рацете на Македонците. Во Мала Азија, финансиските управници ги собирале даноците директно од селаните и ги испраќале во Државната благајна. Во Индија, главните принцови и раџи се докажале како лојални сојузници. Персиските богатства биле претворани во корисни ковани пари, и универзален систем на валута бил воведен кој имал непосреден бенефит за трговијата. Александровите ковани пари, на кои била изгравирана неговата глава со лавовска грива, како што ја нацртал Лисип, станале стандардно средство во елинистичкиот период.

Уште при враќањето во Мемфис, Александар вовел мудри мерки на владеење: селаните и чиновниците биле заштитени од изнудите, добиле право на директно обраќање кон Кралот. Цивилната и воената влада биле разделени; бидејќи претходниците ги собирале даноците, војската веќе не доаѓала во искушенија да интервенира во финансиите. За да се осигура од можноста локалните проблеми да пораснат во организиран отпор против централната власт, Еѓипќаните биле оставени на нивните должности, но под македонска супервизија. Овие спогодби го задоволиле народот, бидејќи угнетувачкиот персиски систем на собирање даноци бил заменет со поефикасен и поправеден метод.

Важно и далекусежно значење имало воведувањето на Грчкиот Јазик за универзален јазик на Империјата, иако Македонскиот бил официјален јазик на дворовите. Бил воведен и посебен јазик, наречен коине, кој што со тек на време станал жаргон на трговците. Со ова биле спречени конфузиите и грешките што константно се случувале кога финансиските и деловни трансакции биле извршувани преку посредници – преведувачи.

Едноличната валута и јазик ги поедноставиле трговијата и размената на идеи. Образованието на Грчки Јазик го проширило знаењето на Елинистичката култура, така што народите кои имале различни линии на мислење, традиции и обичаи, станале членови на една заедничка цивилизација, граѓани на ист свет. Воведувањето на Грчкиот за универзален јазик го направиле главен агенс за унифицирањето на Истокот и Западот. Со тоа било овозможено територијално проширување и обединување на универзалната Еуразиска држава. По патиштата на тоа измешано човештво ќе зачекорат апостолите на новата универзална религија – Христијанството. Св. Павле зборувал и пишувал на Грчки; Евангелијата биле напишани на Грчки, така што нивната порака можела да достигне широка публика. Слободно може да се каже дека Александар го поплочил патот на Христијанството; без неговото дело, проповедниците на Христијанството ќе имале поспоро навлегување во Западна Европа. Со заедничкиот јазик, Ориенталното знаење станало подостапно за Западот. Голем прогрес бил овозможен кога Елинистичките и Вавилонските научници соработувале во математиката, астрономијата и другите науки.

Она што особено фасцинира од карактерот на Александар е неговата отвореност кон туѓата култура, традиција, обичаи и посебно кон различните религии. Начинот на кој што тој нив ги прифатил и ги практицирал е навистина уникатен и доследен на неговата идеја за збратимување на народите по сите основи, и заеднички живот во универзално општество. Александар не само што ги прифаќал туѓите обичаи, туку и им се восхитувал. Тој дури и го прифатил персискиот обичај “Проскѕмесис” (клекнување на колена при обраќање кон Кралот) и го наложил и на своите поданици Македонци, иако овие оштро се спротивставувале. Сепак, некои овој обичај го означуваат како знак на мегаломанија. Александар посебно ги почитувал значајните градби и спомениците, кои секогаш ги поштедувал од разурнување. Тој дури при посетата на гробот на големиот персиски Крал Кир во Пасаргада, наоѓајќи го гробот ограбен и разурнат, му наложил на својот најдобар архитект да го реставрира и наредил надгробниот епитаф да биде напишан и на Грчки Јазик, под персискиот натпис.

Ѓоко Апостолов