Следува периодот на ренесансата, при што науката станала најзначајна творечка активност на човекот, инструмент за запознавање и изменување на природата и општеството, а која била прифатена како еден од темелите на европската цивилизација. Периодот помеѓу XIV И XVI в. се карактеризира и со формирањето на нациите и на националните држави и националните обележја на културите. По големите географски откритија и развојот на трговијата, се случил пораз на императорските намери на Карло В и пропаднала замислата за континентална Света Империја. Настанал подем на нациите и сувереноста на државите, но продолжила и понатаму идејата за обединување на државите. Во овој период се јавува личноста на Еразмо Ротердамски кој бил наречен “првиот Европеец”. Тој ја промовирал својата замисла за наднационална власт, по примерот на Дантеовата “Монархија”, на држави обединети со христијански договори. Тој ја нагласувал нужноста од воспоставување хармонија во однесувањето на луѓето со нивната природа и спречувањето на војните.

Во овој период, над Европа надвиснала опсноста од Турските освојувања, што било и причина повеќемина да предлагаат “христијанско обединување” со цел да се поразат Турците. Во текот на XVII в. настанало преовладување на четири плана, начела (утопии) кои се стремеле кон федералистичка Европа, но истовремено го изразувале стравот од апсолутистичките стремежи на државите. Доста значајни се идеите на Емерик Крисе, како автор на првиот план за сојуз што ќе ја опфати не само христијанска Европа, туку целиот тогашен познат свет. Оваа негова идеја најмногу се доближува до идејата на Александар за универзално, мултиетничко, мултиконфесионално општество. Тој исто така размислувал и за развој на образованието, занаетчиството и трговијата, односно слободниот проток на добрата и луѓето. Токму на овие елементи на човековиот развој, Александар обрнувал големо внимание. Крисе, слично како и Александар сметал дека на тој начин ќе се овозможи полесно зближување на луѓето.

XVII век ги исфрлил на светската сцена и личностите како војводата Де Сули (1559-1641г.) и неговата идеја за здружување на Европа по основ на протестантизмот, со пристапување на католичките владетели, па дури и на Папата, потоа создавње на Врховен Совет на Европа, како Врховен орган на конфедерацијата, овозможување на слободна трговија и укинување на царините, создавање на заеднички воени сили и арбитража.

Овој период го одбележал и чешкиот филозоф Јан Амос Коменски (1592-1670г.), еден од последните генијални хуманисти од периодот на ренесансата. Тој бил создавач на науката и образованието во Европа, а неговите идеи за светска федерација се поистоветувале со Александровите во многу сегменти. Коменски ги предложил следниве реформи: изедначување на знаењето, преку училишен систем усовршен под управа на еден вид меѓународна академија; политичка координација, под управа на една меѓународна дирекција на институциите; помирување на црквите кое би се доверило на еден Светски верски совет. Ова џиновска замисла за светска федерација, што е едновремено културна, политичка и верска, прави од Коменски еден од големите предвестители на европскиот сојуз, а и на екуменското движење.
И XVIII в. обилувал со значајни европеистички проекти и идеи, а е одбележан и како век на просветителството и големата француска револуција. Како најголеми пропагатори на идејата за обединување на државите се јавуваат Шарл – Ирене Кастел де Сен – Пјер (1658-1743г.) и Емануел Кант (1724-1804г.). Првиот предложил Договор за Конфедерација на Европските држави, со кој што ќе се загарантира правото на членувањето во Сојузот, а воедно ќе се гарантира и сувереност во внатрешното владеење. На ваков начин и Александар ги оформил правилата на владеење во неговата Империја. И Емануел Кант се ангажирал за граѓанско републиканско уредување на државите, слобода на членовите на општеството, законска еднаквост на сите, федерализам на слободните држави и обезбедување на мирот.
XIX в. е последниот чекор до фактичкото остварување на идејата за обединување на државите во едно универзално општество. Иако тоа најпрвин започнало со оружје, односно со покорување на други држави, т.е. освојувачките војни на Наполеон Бонапарта (1769-1821г.), сепак, и покрај бурните периоди, војни, колонизации и сл., се јавуваат личности како Фридрих Хегел, Алфонс Ламартин, Винченцо Џоберти, Виктор Иго, Сен Симон и др. кои се залагаат за обединета Европа, зближување на народите во хармоничен живот и здружување на своите специфичности.

Доаѓаме и до XX в. кој, иако е најбурниот во историјата на Европа, одбележан со многу крвави војни, огромна загуба на човечки животи, поделби, договори и сл. Сепак, во овој период и практично се остварува идејата за универзално општество, за заеднички живот на повеќе народи во една заедница со еднакви права. Уште по Првата Светска Војна, започнале плановите за обединување на Европа, со создавањето на Лигата на Народите во 1920г., и “Паневропскиот Манифест” И Паневропското Движење на Рихард Куденхоф Калерги во 1924г. За време на Втората Светска Војна, во 1941г. бил напишан “Манифестот за создавање Соединети Држави на Европа”, а биле одржани и состаноци во Техеран – 1944г. и  на Јалта – 1945г., за иднината на Европа. По Втората Светска Војна интензивно продолжува процесот на европска интеграција. Во 1946г. Винстон Черчил дал иницијатива за Европска Интеграција, т.е. идеја за единствена Европа, од Атлантикот до Урал. Истата година, како и во 1947г. е спроведена програмата “Маршалов План” за обнова и развој на Европа, а сите нации од овој план потоа се состанале и создале комитет за Европска Економска Соработка. Во 1948г. се формирани Западно-Европскиот Сојуз, Организацијата за Европска Соработка и Судот за Човекови Права во Хаг, а бил одржан и Конгрес на Европа во Хаг, со цел обединување на Западна Европа, а негов продукт е создавање на Советот на Европа. Во 1949г. е формиран воениот Северноатлански Сојуз или НАТО. Во 1950г. е потпишана Европската Конвенција за човекови права, а 2 год. подоцна се ставени темелите на Европската Унија (ЕУ), преку планот на Шуман и формирањето на Европската Заедница за Јаглен и Челик (ЕЗЈЧ). Со “Римските Договори” во 1957г. се формирани Европската Економска Заедница (ЕЕЗ) и Европската Заедница за Атомска Енергија (ЕВРОАТОМ), со што беше овозможено создавање на заеднички Пазар и слободно движење на стоки, услуги, лица и капитал. Во 1965г. во Брисел беше потпишан “Договор за Фузирање” односно обединување на трите заедници ЕЗЈЧ, ЕЕЗ И ЕВРОАТОМ. Во 1975г. беше формирана и Организацијата за Соработка и Безбедност на Европа (ОБСЕ). Во 1984г. беше потпишан Договорот за Европска Унија, а две години подона и Единствениот Европски Акт. Со Договорот од Мастрихт беше и официјално оформена ЕУ, со нејзините органи и политика. Беше договорен и планот за воведување на заедничка валута, која што најпрвин беше спроведена преку формирањето на Централната Банка на Европа во 1999г. и воведувањето на Заедничката валута Евро на 01.01.2002г.


Александар Велики – Ребрандт

На овој начин и преку овие процеси се спроведува во практика функционирањето на идејата за обединување на народите во една заедница, процес кој што константно тече и чија перспектива се однесува на обединување на сите земји во Европа.

Развојот на идејата за универзално општество, од нејзиниот зародиш, преку развојните фази, па се до денешната фактичка состојба на нејзино спроведување, претставува долготраен процес  чиј што почеток, и прво презентирање го направил Александар Македонски. Неговата идеја целосно го изменила светот на идеите за многу следни векови, и нејзиното влијание врз модерна Европа, сеуште е присутно. Животното дело на Александар не било залудно; тој бил плодна сила која направила ред во хаосот и креирал нова фаза на цивилизацијата, која го обликувала светот, дури до денешен ден. Неговата идеја го трасирала патот на понатамошните обиди за обединување и збратимување на народите, а посебно е значајна во тоа што тој успеал да ги соедини Истокот и Западот, преку полотиката, религијата и меѓусебното почитување, нешто што и денеска е во сферата на невозможните проекти, но како идеја претставува визија за идните поколенија. Неговата заслуга за обединувањето на народите е неспорна, а неговото дело претставува најдобар патоказ за насоката кон обединувањето на целото човештво…крај

Ѓоко Апостолов