И не само шо ќе одам да гласам, ами костум ќе купам. Ќе се избричам. Ќе се искапам и ќе се депилирам. Ќе се дуздисам ко бебе за на вакцина. Сакам бре да учествувам во баграта која некому ќе му дајт нов мандат за лапање, фукање и онадење на народецов македонски. На нас. Ако не друго полесно ќе го поднесам онадењето з`ш јас сум дозволил. Јас си сакам. А ко ќе си го бараш сам и болката полесно се поднесвит.

Абре луѓе јас појма немав шо жилав ти бил македонскиов народ. И да ти кажам ми е гајле мене како ќе ми е. Се думам дал ќе ги задоволам нивните потреби. Дал ќе одговорам на задачата. Ќе се прам бре жртва. А како да не се прам ко тие за нас ептем се жртвувет. Бичим јагне за курбан. Ете ни дозволија да гласаме и со документи кој истекле девет месеци пред избори. И како да не ги задоволиш во нивните потреби. Па Господ ќе ме казнит.

Мада то не важит за плата да подигниш, да си завршиш работа за имотен лист, а и види….тие ти се лични потреби и не требит да мислиме само за самите себе. Уште од комунизмот кај нас е всаден тој колективен дух. За колективот, за државата, за пратениците, да се жртвуваме.

Абре све шо прает прает за прогресот на држвава. Незнам како не препозна дека ова со пасошиве е тактика, а не дека стварно немат обрасци. Посебно ова се однесвит на младите. И да немет возвратена љубов, како шо рече Каракамишева, ела нека ја напуштет држвава да ги видам. А? А пак тие шо не им се возвратила љубов и понекоја случајност ошле туѓина морат да се вратет по нови пасоши. Тие само нека провирет со носот низ наша граница и после излегвење стап. Ете. Рече СДС ќе ги вратит младите и ги врати. Проектот успеа.

Е сега не сите проекти успешно завршвет или се спроведвет. На Панчета не му успеа. Се укина одлуката дома да ни ги носат личните карти. Па на шо ви личиме бре ние да се вуцараме по канцаларии и сами да ги подигвиме личните карти? Мислите јас имам толку време да се шетам по ходници за моја лична карта да губам време? Абре не одам да ја земам тамам нека е и од Аца Лукас.

Арам да ви е шо напрајвте наместо полицајците ние сами да да ојме по лични карти. Ова посебно се однесвит на пензионерите. Види….од каде време на Баба да ојт да подигнит лична карта? Кај да најдит време? Станвит од сабајле ги поминвит сите шартој на средвење ко секоја модерна жена. После кафето имат 30 минути аеробик. Па вежби за затегвење на гради и центрирање на пупки. Па да го проверит моторот за да ојт кај дечко ѝ и летна денот. Арам да ти е Панче на овај напатен народ шо го малтретираш.

А шо им фалит на полицајците да ги носат личните карти. Млади се нека акет по улици и како на слепци нека ни ги доставет документите. А да не зборвам шо Баба ја шина со пасошот. Се искина од плачење, се размрсулај шо немаше пасош да ојт на Сејшели за 8 – ми март. Имаше закажано топлес-пена парти со другарките. Страшно.

И не само то шо е страшно. И она Мицко шо го рече е страшно ама во позитивна смисла.

Замисли алооооо…..ако дојделе на власт ќе обезбеделе учебник за секој основец. За секој ученик. До кое дереџе сме дојдени да се радвиме на она шо не следвит. Ама браво бре Мицале. Алоооо ќе обезбедел учебници. Страшно. Со то ќе станиме првата држава во светот кај шо учениците имет од шо да учет. Аферим бре политичари. Ашколсум.

ЏИМИ

Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите