Реализирањето на проектите кои се спроведуваат со поддршка на ЕУ, функционирањето на локалната самоуправа, потребите на општината, беа дел од темите на кои разговараа градоначалникот Никола Бакрачески и евроамбасадорот Самуел Жбогар, на денешната работна средба во Охрид. Двата соговорника ја разгледаа досегашната соработка меѓу мисијата на ЕУ и општина Охрид, за која изразија надеж дека успешно ќе продолжи и во иднина.
– Морам да изразам задоволство и благодарност за искрено изразената желба и волја на Евроамбасадорот Жбогар да и помогне на општина Охрид на патот кон прифаќање на голем број на стандарди на ЕУ и секако на патот кон реализација на многубројните проекти кои општина Охрид ги има зацртано, а кои треба да се реализираат со помош на ЕУ. Како и оние со кои општината во иднина ќе аплицира до различните европски фондови, рече градоначалникот Бакрачески.
Амбасадорот на ЕУ изјави дека секогаш е убаво да се биде во Охрид, поради чувството на спокој и смиреност.
– Охрид е место каде човек се чувствува убаво и блиску до самата природа. Охрид е градот на светското наследство, градот каде човек секога е поврзан со природата која треба да се заштити, рече Амбасадорот Жбогар.
Тој рече дека посетата на општина Охрид е дел од кампања на посети на општините во Македонија со цел делегацијата на ЕУ да види што прави ЕУ во македонските општини преку имплементација на различни проекти. Додаде дека целта е да се види реализацијата на поддржаните проекти, да се разговара за искуството од спроведувањето и можноста да се помогне и во иднина.
Амбасадорот Жбогар изврши посета на локациите каде се реализираат проектите поддржани од ЕУ, а ќе присуствува и на ифтарската вечера која ја организира градоначалникот за граѓаните од муслиманска вероисповед.
OhridNews













