Македонија е европска земја и има свое место во Европската унија. Не постои сомневање дека наскоро вашата земја ќе стане дел од Европската унија заедно со останатите земји во регионот и по ова прашање нема друга опција, истакна при својата денешна посета на Охрид, шведската парламентарка во Европскиот парламент, Ана Ибрисагич.

– Во однос на Македонија и нејзиниот прием во европското семејство воопшто не постои сомнеж кај поголемиот дел од европратениците. Има уште прашања кои треба да се решат, но она што досега е направено во однос на реформите, се оценува како позитивно. Особено што се однесува на извршените реформи во јавната администрација, правосудството и образованието. Македонија, како релативно млада земја со изградено солидно обрзование покажува зрелост за пристап кон Европската унија, рече Ибрисагиќ на заедничката прес конференција со нејзиниот домаќин,  носителот на листата за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ во И.Е.бр. 5,  Антонио Милошоски.

Како што потенцира Милошоски, ваквите средби се доказ дека ВМРО- ДПМНЕ,  како политичка партија, има врски и пријателства во Брисел и Европскиот парламент.

 – Нашата соработка со Европскиот парламент, кој е наш најсилен сојузник во промовирањето на идејата и потребата да продолжи непреченото проширување на Европската унија и приемот на Македонија во европското семејство, е многу добра. Сметам дека она што досега го постигнавме како влада на РМ, ветува и уверува дека и во иднина можеме да ја задржиме таа кондиција на непрекинати реформи кои се предуслов за приемот, без разлика на препреките, рече Милошоски.

Тој потенцира дека средбата со Ибрисагиќ во Охрид значи добра прилика за претставување на градот и Македонија како нераскинлив дел од европската цивилизација и култура.

OhridNews