Урбаниот блок 2.4 наместо за изградба на хотели и туристички содржини како што беше предвидено со измените и дополнувањата на Генералниот урбанистички план на Охрид предложен од локаната самоуправа, останува со намена образование. Тоа значи дека Факултетот за туризам и средното угостителско училиште остануваат на сегашните локации. Исто така, статусот на Урбаниот блок 17.1 Студенчишко блато, се враќа според претходната намена предвидена со ГУП-от од 2006 година, а тоа е целосно заштитена зона каде засега не смее да се гради ништо. Ова се главните промени во  предлог измените и дополнувањата на ГУП за Охрид, поради кои истиот денеска беше на повторна стручна расправа која се одржа во големата сала на општина Охрид.

-Измените во намената на Урбаниот блок 2.4 се направени на барање на Факултетот за туризам и оваа зона останува со намена образование. Што се однесува до Студенчишко блато, бидејќи од страна на Министерството за животна средина имаше негативно мислење по однос на предложените измени на ГУП-от, беше побарано да се прецизира колкав простор зафаќа ова блато за да се утврдат зоните на заштита. Во 2012 година на барање на општина Охрид изработена е студија за блатото, за која владата  донесе одлука истата да се ревидира за да се дефинира блатниот систем, а на останатиот простор да се предвидат соодветни содржини коишто нема да влијаат на блатото и еко системот на Охридското Езеро. – изјави Бранко Арнаудовски, раководител на Секторот за урбанизам при локалната самоуправа.

Според претставниците на невладините организации и еколошки друштва, враќањето на стариот статус на блатото е времено решение. Каква ќе биде неговата судбина, ќе се знае дури откако ќе се направи ревидираната студија.

-Не би рекол дека некој победи. Времено е одложена средбата фудбалски да се изразам, помеѓу невладиниот сектор кој се залага за заштита на овој нераскинлив дел од еко системот на Охридското Езеро и оние субјекти кои сакаат да го урбанизираат Студенчишко блато.  – истакна д-р Трајче Талевски, експерт, екологист и активист на неформалното движење „OhridSOS“.

Талевски најави дека на иницијатива на „OhridSOS“, во месец мај во Охрид ќе дојде Јошка Ковен, претседател на здружението на истражувачи на блатни системи на Европа, за да ја согледа состојбата со Студенчишко блато.

Инаку измените на ГУП-от опфаќаат девет урбани блокови во општина Охрид, а граѓаните своите забелешки по истиот може да ги доставуваат до предлагачот до 10-ти мај. Изготвувач на ГУП-от е проектантската куќа „Полог Про“ од Гостивар.

Горан Момироски