Еколошка бомба и се аканува на општина Дебрца предупредува огранокот на СДСМ, кој обвини дека фекални води се испуштаат во Матицата Сини Вирој.

-Во селото Белчишта, административниот центар на општината, канализационата мрежа и пречистителната станица се изградени во 2005 година. Подолго време пречистителната станица не е функционална, а фекалните води од преполнетата канализационата шахта, на стотина метри пред пречистителната станица, директно се испумпуваат во водотекот, кој поминува низ селото и се влева во Матицата Сини Вирој, а оттаму преку реката Сатеска во Охридското Езеро. Последно вакво испумпување е извршено пред неколку дена, алармираат граѓаните на Белчишта, кои истото го регистрирале со свои фото записи. – соопшти СДСМ Дебрца.

Партијата ја прашува општината зошто отпадните води не се третираат преку пречистителната станица и зошто истата не е во функција?

-Дали се свесни дека ваквото недозволиво постапување претставува еколошка бомба во срцето на Дебрца кое предизвикува штетни последици по здравјето и имотот на локалните жители и деградација на пошироката животна и природна средина ? Како е можно од една страна да го промовирате Белчишкото блато и Еко музеј со убавините на блатото, а од друга страна фекалните води да ги испуштате во блатото !? – стои во партиското соопштоние.

СДСМ апелира до Градоначалникот на општината, веднаш, без одлагање да ги задолжи одговорните во јавното комунално претпријатие да ја санираат состојбата и фекалната канализација со пречистителната станица во село Белчишта ги стават во функција.

OhridNews