Охридскиот млад виртуоз на хармоника, Филип Гавриловски, го освои првото место за соло настап и специјалната награда за камерна музика на Меѓународниот натпревар по хармоника кој изминатиов период се одржа во Бјелина, Република Српска.

Во низата успеси и признанија на Гавриловски се бројни први места, меѓу кои на Меѓународниот натпревар во хармоника во Белград, кој важи за еден од најдобрите во светот, како и на Државниот натпревар во Скопје, каде беше прв во соло настап и камерен состав.

По неговите стапки оди и неговиот помал брат Димитар, кој на Државниот натпревар во виолина освои прва награда за соло настап и камерна музика.

Инаку, Филип Гавриловски свири од својата деветта година. Почетоци ги прави во ОМУ „Методи Патче“ Охрид, по ментороство на проф. Наумче Џуклевски. Во моментов е ученик во втора година во Државниот музички балетски училиштен центар „Илија Николовски – Луј“, во класата на професор Зорица Каракутовска.

OhridNews