Ханси Флик останува на должноста селектор на фудбалската репрезентација на Германија, иако четирикратниот светски првак својот настап на Мундијалот во Катар го заврши веќе во групната фаза и со тоа го повтори неуспешниот настап од Русија 2018.

Од Фудбалската федерација на Германија (ДФБ) прецизираа дека Флик ќе седи на селекторската клупа и за време на Европското првенство 2024 на кое Германија ќе биде домаќин.

Паралелно со ова, Флик во предградие на Франкфурт се сретна со претседателот на ДФБ Бернд Нојдорф и со челникот на Надзорниот одбор на Бундеслигата, Ханс – Јоаким Вацке при што им ги образложил причините за неуспехот во Катар.

Мојот штаб и јас со оптимизам гледаме на Европското првенство во нашата земја. Како екипа можеме да постигнеме многу повеќе од тоа што го покажавме во Катар. Таму пропуштивме голема шанса. Од тоа ќе ја научиме лекцијата, порача Флик.

OhridNews