Ограничениот број на учесници на Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“ поради мерките и протоколите од Комисијата за заразни болести во време на пандемија од вирусот ковид -19 не дозволи масовност и голем број на учесници, но тие кои се пријавија и веруваа во организаторите имаа многу причини за уживање.

Едни кои буквално уживаа во благодетите од Охрид, Охридското езеро и природната убавини беа специјалните гости од Мостар, Босна и Херцеговина и од Тирана, Албанија кои беа дел од WBF проектот. Делегациите пристигнаа на 27 август (четврток) и веднаш активно се приклучија во организацијата и исполнување на активностите од проектот. Слободното време гостите имаа уникатна можност да го искористат за прошетка со специјален водич (Ива Николоска) низ стариот дел од градот и да ги посетат сите знаменитости, посета на Св. Наум и заливот на коските во Градшите и безвременско уживање на и со бродот „Армада“.

На денот на трката и главниот настан, дел од делегациите учествуваа со трчање а другиот дел беа на освежителни станици и беа задолжени за освежување на тркачите. Гостите од Тирана и Мостар со позитивни импресии заминаа од Охрид и настанот „Охрид трчаТ“, кој уште еднаш ги помести границите и ги отвори вратите во соседните држави.

Луѓе, ова што го видов и доживеав во Охрид е стварно за паметење и прераскажување. Секоја чест за организаторите и за сите кои имаат дел во организација на „Охрид трчаТ“, изјави претставникот од Мостар, Иван Скарамуца.

Делегацијата од Албанија беше побогата и со медал од рекреативната трка на 5 километри. Ејона Куфе заврши на третата позиција и се закити со бронзен медал.

Одлична трка и искуство. Се подготвував, но не очекував медал и ваков успех во Охрид. Дадов се од себе и мило ми е што прекрасниот викенд го крунисав со медал, – рече Куфе.

„Охрид трчаТ“ е еден од четирите проекти поддржани од Фондот на Западен Балкан (Western Balkan Fund) во Македонија. Спортскиот настан број еден во Охрид ги оправда очекувањата, а пофални зборови имаше програмскиот и финансискиот менаџер Марио Рингов.

Вакви спортски настани ни се повеќе од потребни во Охрид и во нашата земја. Неодамна реков дека Охрид трчат не привлече со натпреварувачкиот карактер и едукативниот аспект, а сега тоа го осетив и на своја кожа, – истакна Рингов.

Свој удел во успешната реалазација на проектот поддржан од WBF имаше охридскиот тим кој несибично и многу професионално ја одработи задачата. Волонтерите беа десна рака на гостите кои сигурно имаа неверојатен викенд во Охрид.

Михаил Постоловски
Фото: Нина Ангелоска