Со стихови, песни и танц, учениците од ООУ „Дебрца“ денеска покажаа како љубовта кон родниот крај се преточува во творештво. Под насловот „Македонија земја на сонцето“, училиштето го одбележа патрониот празник со програма во која се споија историското паметење, детската креативност и соништата на новите генерации.

Чествувањето започна со положување цвеќе од училишната делегација пред спомен-обележјето во Сливово и пред спомен-бистата на Трајче Дојчиноски во Белчишта. Во холот на училиштето беше поставена изложба на наградените ликовни и литературни творби, преку кои учениците го претставија својот поглед кон темите што ги инспирираат.

 

Пред присутните се обратија градоначалникот на Општина Дебрца, Златко Сиљаноски, и директорката Елена Ристоска. Во нивните пораки се испреплетоа гордоста поради наследството на Дебрца и одговорноста да се создаваат подобри услови за децата.

Сиљаноски, кој и самиот бил ученик во ова училиште, истакна дека неговата поврзаност со него е и лична и обврзувачка.

Од овие простори се испишани значајни страници на нашата историја, а од овие училишни клупи произлегоа луѓе што извршуваа важни државни функции и носеа одлуки клучни за државата. Со посебна емоција кажувам дека и јас сум дел од ова училиште. Како и моите претходници, тоа нè оформило сите нас. Но, ова не е само почит кон минатото, туку и обврска кон иднината. Затоа денес сведочиме за училиште кое се менува со конкретни дела, рече Сиљаноски.

Тој ги посочи реновирањето на училишниот објект, бесплатните униформи и превоз, финансиската поддршка за секое запишано прваче, како и наградите и стипендиите за учениците. Нагласи дека овие мерки се основни услови што децата ги заслужуваат.

Директорката Елена Ристоска порача дека да се биде дел од Дебрца и од училиштето што го носи нејзиното име значи привилегија, обврска и гордост.

Привилегија е да сме дел од историјата на Македонија, обврска е да го продолжиме делото на нашите предци, а гордост да создаваме и воспитуваме нови фиданки на дрвото наречено живот. Секојдневно се соочуваме со различни предизвици, но денес во наше име учениците ќе зборуваат, ќе танцуваат и ќе пеат за Македонија – земја на сонцето. Со игра, песна и збор ќе се заблагодарат за поддршката што несебично ја добиваме, рече Ристоска.

Нејзината порака до учениците беше да веруваат во своите можности и да ги следат своите соништа.

Свесни сме колку сме мали и малку, но можеме многу. Можеме да сонуваме, да патуваме, да учиме и да станеме силни луѓе под ова сино небо. Зашто Македонија не е само парче од географската мапа, туку парче од нашите срца, мали како неа, но со силна волја да победуваат, порача Ристоска.

На свеченоста беа доделени благодарници на почесниот конзул на Република Србија во земјава, Михајло Филев, на градоначалникот Златко Сиљаноски и на наставникот Горан Цветковиќ, а благодарност беше искажана и кон сите што придонеле за реализацијата на проектот за отворање фитнес-центар во Лешани.

Празничната програма ја заокружија учениците со настапи подготвени заедно со наставниот кадар. Нивните изведби беа најубавата потврда на пораката од прославата, дека и од мало училиште може да растат големи соништа.

Фото галерија:

Мало училиште, големи соништа – ООУ „Дебрца“ со песна и творештво го прослави својот празник

Н.С.Ј.
Фото: А. Момироска