Со празнична богослужба во стариот дел на Охрид и со чествување во Велгошти, охриѓани денеска го одбележаа Митровден, празникот посветен на Св. Великомаченик Димитрија.
Голем број верници утрово го посетија храмот „Св. Димитрија“ во стариот Охрид, недалеку од Горна порта, каде што празничната богослужба ја служеше отец Васко. Годинашни кумови беа Наум Шешов и Митко Димитровски од Охрид и Жаклина Серафимова од Скопје.
Празникот свечено беше одбележан и во Велгошти, во храмот што го носи името на светителот.
Според црковното предание, Св. Димитрија бил роден во Солун и маченички пострадал поради својата христијанска вера. Во народната традиција, Митровден го означувал преминот од летниот во зимскиот период.
По утринското чествување во храмовите, празнувањето вечерва продолжува во домовите на охриѓани, каде што семејствата што го слават Митровден ќе пречекаат роднини и пријатели на слава или визита.
Г.М.




















