Со музичко-сценскиот спектакл „Вивалдијано“, што се одржа вчера вечер на Античкиот театар беше одбележан 57-от роденден на фестивалот „Охридско лето“.

Овој мултимедијален проект претставува вонвременски спој на уметничка изведба на 16 истакнати музичари од различни стилови, кои изведуваат класични дела на Вивалди базирани врз барокот.

Фестивалската публика имаше можност да види спој на неповторливите креации на Вивалди со рок-енергија. Таа ужуваше во 90-минутното тридимензионално патување низ музиката, со настап на врвни уметници од Прашката филхармонија и од целиот свет, зачинето со уникатен сценски перформанс.

Фестивалот Охридско лето роденденот го одбележа со коктел на кој присуствуваа бројни гости и јавни личности од градот и државата.

На 4-ти август пред 57 години во црквата „Света Софија“ оперската дива Ана Липша Тофовиќ го одржа првиот концерт пред фестивалската публика, што се смета за почеток на богатата традиција на Охридско лето, кое денеска е препознатлив културен бренд во светот. 

OhridNews