Францускиот министер за надворешни работи Жан-Марк Ејро повика на „смирување“ на дипломатската криза меѓу Турција и Холандија, којашто ден претходно им забрани на турскиот шеф на дипломатијата и на министерката за социјална политика влегување во земјата, но судејќи според зборовите на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, Холандија „ќе ја плати цената“ за своето однесување, jaвува „Макфакс“.

„По повод моменталните тензии меѓу Турција и неколку земји членки на Европската унија, Франција повикува на смирување. Ги повикува, исто така, турските власти да ги избегнат ексцесите и провокациите. Неопходно е да се покаже одговорност и да се избегнат бесполезните полемики“, се наведува во писмената изјава на шефот на француската дипломатија Жан-Мар Ејро.

Германија, Холандија, Австрија и Швајцарија одбиваат на своја територија да им дозволат на турските министри да учествуваат на собирите за поддршка на уставните реформи за кои ќе се гласа на референдум на 16-ти април, а се однесуваат на зголемување на овластувањата на претседателот на државата.

Холандската влада во саботата го забрани слетувањето во Ротердам на авионот со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, кој планираше во саботата вечерта да се обрати на сонародниците, а турската министерка за семејство и социјална политика Фатма Бетјул Сајан Каја којашто со автомобил од Германија допатува пред конзулатот во Ротердам, холандската полиција не ѝ дозволи да влезе во дипломатската мисија и ја врати во Германија.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган поради таквото однесување ја предупреди Холандија дека „ќе ја плати цената“. „Тие секако ќе ја платата цената и ќе научат што е дипломатија“, додаде. Притоа Ердоган ја обвини за „дрско“ однесување и се закани дека и самиот ќе патува на собирите во странство.

„Западот јасно го покажа своето вистинско лице последните неколку дена. Тоа што го видовме… е јасно покажување на исламофобијата. Реков оти мислев дека нацизмот е завршен, но згрешив. Нацизмот е жив на Западот“, истакна Ердоган и ги повика меѓународните организации да ѝ наметнат санкции на Холандија.

Франција му дозволи на Чавушоглу во недела да учествува на сличен собир во Метц, на северот од земјата. Швајцарија, пак, не му дозволи да се појави на неделниот собир во Цирих.

Ердоган поради тоа ѝ се заблагодари на Франција. „Франција не ја заведоа такви игри“, рече турскиот претседател.

Ејро појасни дека станува збор за слобода на собирањето и правото на изразување, како и дека не постои безбедносна или закана за јавниот ред и мир поради кој споменатиот собир би требало да биде забранет.

Во Франција живеат околу 700.000 Турци. Право на глас имаат 70.000 од нив, а вообичаено гласаат околу 60 отсто.

OhridNews