Потребен е системски пристап во решавање на наталожените проблеми кои ги загрозуваат универзалните вредности на светското културно и природно наследство на Охридскиот регион, како и независна ревизија на сите постапки кои доведоа УНЕСКО да предложи тој да биде ставен на Листа на заштитени подрачја во опасност. Ова меѓу другото беше истакнато во дебатната емисија „Топ Тема“ на телевизија Телма посветена на неповолниот и остар Нацрт извештај на реактивната мисија на УНЕСКО за Охридскиот регион, на која учествуваше и градоначалникот на Охрид Константин Георгиески.

Тој истакна дека не чувствува лична одговорност за лошиот нацрт извештај на УНЕСКО за Охрид, посочувајќи дека откако е дојден спроведени се многу работи, а неповолната состојба е поради проблемите кои претходно се таложеле.  Toj најави забелешки на извештајот до УНЕСКО, но не очекува истиот да претрпи големи измени.

Во однос на проблемот со дивоградбите, Георгиески изнесе загрижувачки податок, кој укажува на целосно нефункционирање на системот.

Општина Охрид има поднесено во 2020 до месец ноември 27 кривични пријави, а ќе следат уште 12-13 по предмети за кои во тек е жалбена постапка, но ниту една од нив не е процесуирана во обвинителство. Зошто е тоа така ќе треба да прашате на друго место. Нам ни треба институционален пристап во решавање на проблемот.  – дециден е Георгиески.

Доколку има разрешница на ваквите случаи, Георгиески верува дека ќе има помалку бесправна градба. Тој принцип на неказнивост создава проблем, смета тој. Потсети и на дрскоста на инвеститорите кои градат дивоградби и кои иако не почитуваат закони минуваат неказнето.

Поставуваме жолта лента на локацијата каде се утврдило дека се гради диовоградба, но инвеститорите ја отстрануваат и продолжуваат со работа. – рече Георгиески, додавајќи дека мора да се забрза времето на реакција на институциите.

Како проблем кој предизвика несогледливи последици во Охрид беше посочен и Законот за легализација на дивоградбите.

Тоа е еден несреќен закон. Не може еден ист закон за бесправна градба да важи и за заштитено подрачје како и за други места, но бадијала е сега да зборуваме, тоа е завршена работа. – додаде Георгиески.

Градоначалникот на Охрид не се согласува повторно да биде прогласен мораториум на градба, дотолку повеќе што веќе е донесен Планот за управување со Охридскиот регион.

Од донесувањето на Планот за управување Општина Охрид нема издадено ниту едно одобрение за градење што не е усогласено со овој стратешки документ. Оттаму сметам дека е контрапродуктивно да имаме мораториум кога е донесен Планот за управување со Охридскиот регион. Јас на моите охриѓани не можам да им кажам дека повеќе ништо нема да може да се гради, но планот стриктно ќе се почитува и нема да има отстапки за никој. Ако има мораториум сметам дека тоа ќе ја поттикне дивата градба. – истакна Георгиески.

Донка Барџиева, пак, од Ценатрот за културно наследство, посочува дека извештајот на УНЕСКО за Охрид е повеќе од реален, итакнувајќи дека фактичката ситуација е далеку полоша. Како пример го посочи старото градско јадро, кое, како што рече, всушност и не постои, бидејќи е целосно видоизменето.

Се плашам дека немаме доволно исклучителни вредности да останеме и на таа листа на загрозени подрачја. Тие кои ги давале информациите на Реактивната мисија за старото градско јадро не кажувале се. Во извештајот стои дека старото јадро на Охрид ја задржало автентичноста. Кажете ми еден објект, една куќа која автентично е реконструирана од истите материјали, нема, не постои таква. Знаете што значи реставрација според светската конвенција? Ништо такво нема. Немаме оригинал таму. – рече Барџиева.

Таа истакна дека е потребно системско решение за проблемот на Охрид, но и да се утврди одговорноста на сите кои придонеле за ваквата неповолна состојба. Според неа тоа може единствено да го направи независно експертско тело, затоа што, како што рече, не може од истите институции и лица вработени таму кои изминатите три децении не презеле ништо да го заштитат светското културно и природно наследство на Охридскиот регион, да се очекува да ги решат проблемите сега

Во момнент кога имаме спор со Бугарија и ни се оспорува идентитетот, местото каде е сиот  наш идентит е нападнато. Се гради и во време на пандемија, како воени профитери се однесуваат. – истакна Барџиева.

Таа вели дека вината треба да се бара  на повеќе нивоа, но главната вина ја има Владата, затоа што извештајот е адресиран до неа. Одговорноста пред се треба да ја преземе Премиерот, па потоа и Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство, Завод и Музеј Охрид и локалната самоуправа, додаде Барџиева.

Г.М.