Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, ќе се сретне со државниот министер за Европа на германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот, кој престојува во работна посета на земјава. Средбата ќе се одржи во Охрид.

Од Министерството за надворешни работи велат дека за време на посетата двајцата министри ќе учествуваат на интерактивна дебата на тема „Македонија на патот кон ЕУ“, со фокус на придобивките од ЕУ-членството во унапредувањето на заштитата на животната средина, промоцијата на политики на одржлив развој и поттикнување на граѓанскиот екоактивизам. Дебатата е организирана од Министерството за надворешни работи и Амбасадата на Германија во соработка со Општина Охрид и Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија. На настанот куси обраќања ќе имаат и градоначалникот Јован Стојановски и заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули.

За време на неговиот престој во Охрид, министерот Рот ќе ги разгледа поважните знаменитости на градот, а ќе го посети и националниот парк Галичица.