Новак Ѓоковиќ и Давид Ферер ќе играат во полуфиналето на последниот грен слем турнир во сезоната, Отвореното првенство на САД.

Бранителот на титулата, Ѓоковиќ, за нешто повеќе од три часа, го победи Хуан Мартин дел Потро со 3:0 (6:2, 7:6, 6:4). По убедливата игра во првиот сет, српскиот тенисер мечот го прекрши во тај брејкот во вториот сет, а потоа со сигурна игра избори пласман во полуфиналето.

Вториот сет траеше 82 минути, повеќе него што траеше целиот меч на Ѓоковиќ во првото коло против Лоренци. Ѓоковиќ имаше 43 директни поени и 28 неизнудени грешки, додека Делпо имаше 25 винери и 33 грешки. Со победата бранителот на титулата му се реваншира на Аргентинецот за поразот, во борбата за бронзениот медал на Олимписките игри.

Давид Ферер ќе му биде противник на Ѓоковиќ во полуфиналето, откако по речиси 270 минути игра го победи Јанко Типсаревиќ. Во најдобриот меч, во досегашниот тек на УС Опен, Шпанецот победи со 3:2 (6:3, 6:7, 6:2, 6:3, 7:6).

Двајцата тенисери имаа можност многу порано да го решат мечот, а најблиску до таква опција беше Типсаревиќ кога во петтиот сет имаше водство од 4:1 и 0:30 на сервис на противникот. Ферер сепак успеа да се врати во мечот и да избори пласман во полуфиналето. Ферер имаше 49 винери и 44 неизнудени грешки, додека Типсаревиќ имаше 60 винери и 58 грешки.

Ohridnews
“Макфакс“