Поранешниот началник на УБК, кој е во екстрадициски притвор во Солун, Горан Грујевски е осуден во отсуство на една година и шест месеци затвор во предметот „Тврдина 2“ за уништување на документи, од кои дел биле поврзани со набавката на опремата за прислушување. Шесте службенички вработени во Управата се осудени на условна казна. Пет од нив се осудени на условна казна од 9 месеци, а една од нив на 2 години. Како олеснителни околности при донесување на пресудата за Грујевски, Судот го зел предвид тоа дека тој не е претходно осудуван и дека е семеен човек. Како отежителни околности за определување на казната земени се предвид степенот на кривичната одговорност, тоа дека иницирал кривично дело, завршниот збор на една од службеничките и неговото бегство.

Во однос на службеничките, Судот наведе дека тие добија условни казни затоа што досега не се осудувани и затоа што во текот на судењето рекле дека им биле загрозени нивните работни места. Обвинителката Ленче Ристоска рече дека е задоволна од пресудата. „Денеска СЈО ја доби првата пресуда, обвинетите беа осудени, а ваквата пресуда беше во нашите очекувања. Правдата не треба да ја бараме само во судниците, туку и во работата на службениците. Изразуваме задоволство. Ние ќе ја почекаме пресудата и ќе ги разгледаме аргументите на Судот, па ќе одлучиме дали ќе се жалиме“, рече Ристоска.

Ова е прва пресуда за предмет на специјалното јавно обвинителство. Судењето за „Тврдина 2“ траеше точно една година бидејќи СЈО се соочуваше со пречки во водењето на постапката, како отсуството во постапката на Грујевски, декласификацијата на документи од Урпавата, барањето безбедносни сертификати и сл. Речиси 3.000 документи биле уништени во црни кеси за ѓубре во базата на МВР во „Брест“ во близина на селото Петровец.

Грујевски и службеничките се осудени за фалсификување службена исправа за што е предвидена казна затвор од три месеци до 5 години.

OhridNews

Макфакс