Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР е необјективен и не ја одразува фактичката состојба на изборниот процес, вклучувајќи го и денот на гласањето, изјави на денешната средба со новинарите, Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. – Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР повеќе е замижување и перење на сите нерегуларности, отколку изнесување на виделина и прецизно посочување на одговорните за очигледните нарушувања. Изборите не може да бидат одржани во конкурентно опкружување со почитување на темелните слободи, а истовремено да се констатираат кредибилни, докажани, очигледни наводи за купување на гласови, притисок врз гласачите и како што тие велат изолирани случаи на насилство. Во најмала рака е неодговорно и некредибилно во фуснота да се сокрие убиство на учесник во изборниот процес кое дејство, само по себе фрла огромна дамка на изборите, рече Ѓорчев. Тој додаде дека неодговорно и некредибилно е нападот врз кандидат за градоначалник да биде образложуван со наводно изложување на тензиите и висок степен на поларизација во ромската заедница.

Според него, бројните хајки по и врз функционерите на ВМРО-ДПМНЕ кои претходеле биле во функција на втерување страв кај гласачите и особено активистите на ВМРО-ДПМНЕ, како порака дека секоја нивна закана може да се реализира кон секого.

– Случаите со недостаток на гласачки ливчиња, пронајдени гласачки ливчиња од една во друга општина со заокружени имиња на кандидати, беа само потврда за организирано лажирање на изборниот процес од страна на власта на СДС. Евидентно беше следењето на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ при нивното одење од врата на врата насекаде низ Македонија каде што 15-тина минути по нив на истите адреси пристигнуваа активисти на СДС со суптилно испраќање закани и предупредувања во случај на поддршка на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Пред очите на полицијата како чуварска служба се кинеа што туку залепените плакати на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Полицијата беше активен учесник во изборите, но не како неутрална туку апсолутно на страна на СДС, како никогаш до сега полицијата и МВР беа употребени односно изборно злоупотребени, изјави Ѓорчев.

Тој обвини и за масовни поткупи и обиди за поткупи, заплашувања со различни суптилни методи кои биле упатувани не само до неутрални гласачи, туку и до активисти, а дел и до претседатели на месните комитети на ВМРО-ДПМНЕ во правец на нивно пасивизирање доколку сакаат да одбегнат непријатности од новата власт на СДС.
Рече дека користејќи ја моќта на извршната власт, односно владините ресурси, на многу потенцијални гласачи на ВМРО-ДПМНЕ кои беа потсетувани и посетувани од активисти на СДС им била испраќана директна или суптилна закана дека останувањето дома на денот на гласањето е од нивна корист користејќи најразлични нивни приватни проблеми или можност за проблеми.

ВМРО-ДПМНЕ во врска со сите нерегуларности до Државната изборна комисија поднела 43 приговори за 94 избирачки места. Приговорите главно се однесуваат на неспроведување на гласањето односно на изборниот процес во согласност со изборниот законик, регистрирано семејно гласање, притисок врз гласачите и организирано носење на гласачките места.

OhridNews