Не стивнуваат пожарите на отворено во Охридско – струшкиот регион. Попладнево голем пожар избувна на влезот на Струга во близина на Еврохотел. Зафатена е ниска трева и трска.

Пожарот е локализиран, а екипи на Територијалната противпожарна единица од Струга се ангажирани во негово целосно ликвидирање.

Пожари беснеаја и изминатиот викенд. Само во охридскиот регион и Дебрца регистрирани се 21 пожар на отворено. Штетите се големи.

Огромна површина на ниска вегетација, трева и шума изгореа во Дебрца. Тоа се природни живеалишта на голем број птици и животни. Се тоа е уништено. Исто така пожар имаше и во трската кај Подмолје, но за среќа навреме е локализиран и спречено е негово ширење. Но, не сум сигурен дека повторно нема некој да се обиде да ја запали трската. –  вели командирот на Територијалната противпожарна единица Охрид Спасе Прентоски.

Прентоски смета дека зголемениот број на пожари на отворено на територијата на целата држава, се должи на несоодветниот систем на заштита и инертниот однос на институциите, поради што предизвикувачите на пожари минуваат неказнето.

Г.М.