Рафинираност, висок квалитет и спиритуалност во изведбата на средновековна музика покажаа членовите на ренесансниот хор „Готик војсис“ од Велика Британија кои синоќа настапија во црквата „Света Софија“ во рамки на „Охридско лето“.

Извонредните гласови на мецосопранот Кетрин Кинг, тенорите Стивен Харолд и Џулијан Поџер, како и баритонот Симон Вајтли донесоа дела од Џоан Меткалф, Џон Данстапл, Ричард Смерт, Арво Перт, Леонел Пауер, композиции од непознати автори од 13-от, 14-от и 15-от век, како и грегоријанскиот напев Gaude, Maria virgo.

Програмата со која настапивме беше мешавина од современа и раносредновековна музика. Кога ја креиравме, сфативме дека тие се вклопуваат совршено. Централно дело на концертот беше делото на Ендру Смит кој е норвешки композитор и е со текст на Stong wel, moder, песна од 14-от век. Сето тоа е базирано на легендата за Богородица и различните аспекти на нејзината пресветост. Сите тие аспекти совршено се вклопија во нашата програма, истакна тенорот Џулијан Поџер.

Во своето 46-годишно постоење, ансамблот има снимено 30 носачи на звук за издавачките куќи „Хиперион“ и „Ави“, а за три од нив се добитници на престижната награда „Издание на годината“ од страна на музичкиот магазин „Грамофон“. Нивниот прв албум „Пердув на здивот Божји – химни и секвенци од Хлидегард од Бинген“ до денес е еден од најпродаваните албуми на средновековна музика на сите времиња, додека пак новите албуми „Непознат љубовник“ и „Лаурел за Ландини“ продолжуваат да се закитуваат со одлични критики.

ЕУ вечерта на „Охридско лето“ го носи концертот „Последната роза на летото“

„Последна роза на летото“ е насловот на програмата што вечерва ќе биде изведена на Вечерта на Европската унија која традиционално се одржува секоја година како дел од фестивалот „Охридско лето“.

Во црквата „Света Софија“ од 21 часот концерт ќе имаат ирскиот виолинист Дејвид Тобин, пијанистот Фингин Колинс, исто така од Ирска, како и унгарско-ирската флејтистка Јохана Кезеи.

На програмата ќе бидат изведени: Соната за виолина и пијано e-moll оп. 82 од Едвард Елгар, Соната „Ундине“ за виолина и пијано од Карл Рајнеке, Ноктурно бр. 18 „Пладне“ за соло пијано од ирскиот композитор Џон Филд, Арија на Ленски од операта „Евгениј Онегин“ за флејта и пијано од Петар Илич Чајковски и Фантазија и варијации на тема „Последна роза на летото“ за виолина и пијано од композиторот Вилијам Винсент Волас.

Вечерта на Европската унија деветнаесетта година по ред се организира на фестивалот „Охридско лето“ со поддршка на Делегацијата на Европската унија во Р.С.Македонија.

OhridNews