Синоќа околу 21 часот тешка гранка се откина од стариот чинар на улицата „Гоце Делчев“ кај маркетот „Дон“ и падна врз автомобил. За среќа во инцидентот нема повредени, а предизвикана е материјална штета.

Овој чинар заедно со другите во градот и стариот кочеџик кај црквата Перивлепта се вклучени во проект за санација и ревалоризација бидејќи дел од охридските чинари се заштитени според стариот закон како споменици на природата. Студијата која ја прави овластен стручен тим треба да покаже кои чинари и како ќе бидат заштитени и какви интервенции треба да се преземат заради безбедност на луѓето. Оштетениот чинар на ул. „Гоце Делчев“ е во лоша состојба, а дел од високите гранки се надвиснати над соседната зграда и тротоарите каде секојдневно минуваат голем број луѓе, поради што е потребна итна интервенција за отстранување на опасноста.

OhridNews
фото: Вахид Мемед