Министерство за внатрешни работи на Грција за „Макфакс“ ја потврди информацијата дека двајцата обвинети Горан Грујевски и Никола Бошковски биле уапсени вчера во Солун со фалсификувани патни исправи. Од Министерството не ја откриваат точната локација каде биле уапсени, но според првичните информации биле забележани на аеродромот во Солун.  Во текот на денот се чека да бидат изведени пред истражен судија, а потоа ќе почне и постапката за екстрадиција ако тоа го побараат македонските власти, велат од грчката полиција.

-Двете лица на возраст од 51 и 35 години,  кои Интерпол ги бараше со потерница за организиран криминал и злоупотреба на положба и фалсификување документи,  беа уапсени вчера попладне околу 15 часот. Со нив имаа невалидни патни исправи. Денеска се очекува да бидат изведени пред истражен судија, а потоа ќе следува постапката за екстрадиција, ако тоа го побара државата од која потекнуваат лицата. Процесот на екстрадиција може да трае повеќе денови, велат од грчкото МВР.

Од македонското МВР, пак, со штури информации околу апсењето на двајцата бегалци по кои се трагаше речиси три месеци. Од Министерството за правда велат дека сè уште не добиле барање за отпочнување на екстрадициона постапка,  а македонската полиција сè уште чека официјална потврда од Интерпол од Атина.

Двајцата се обвинети од СЈО за нелегално прислушување илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на системите со кои се прислушувало за да нема докази за масовното кршење на човековите слободи и права во предметите на специјалното обвинителство „Тврдина“ и „Таргет“.

На двајцата им беше одредена мерка притвор на 18 јули, која тие ја обжалија. Апелациониот суд Скопје ја потврди мерката, и иако таа мерка беше одредена поради опасност од бегство, Судот  во решенијата напиша дека таа „ќе стапи во сила по правосилност на решението“, со што нејзиното спроведување се одложи до завршувањето на жалбената постапка пред Врховниот суд.

OhridNews
Макфакс