Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, не одговори директно на прашањето на новинарите дали ќе побара одговорност од пратениците кои се гледаат на снимки од безбедносните камери кога од внатре се отвораат вратите на парламентот и ги насочуваат демонстрантите низ парламентот, по што се случија насилствата во кои беа повредени повеќе пратеници. Меѓу нив можеа да се забележат и двајцата пратеници на ВМРО ДПМНЕ од Охрид докторите Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, со кои Груевски се сретна при денешната посета на Охрид.

-Тој случај треба да се остави да се расчисти па потоа да се дава мислење откако сите детали добро ќе се истражат. – рече Груевски.

Запрашан дали ќе се повлече од лидерското место во ВМРО ДПМНЕ, Груевски рече дека нема намера да го стори тоа.

-Не планирам да се повлечам. Ние победивме на последните парламентарни избори и јас имам долг кон сите наши подржувачи и граѓани кои го дадоа гласот за нас да продолжиме да се бориме за добра иднина на земјата. Истовремено забележувам дека многу опонентски партии и медиуми блиски до нив постојано го отвараат ова прашање и очигледно имаат желба да дојде до промена на раководството на ВМРО ДПМНЕ затоа што имаат страв од него дека повторно ќе загубат на избори. СДСМ има десет изборни порази по ред, последните два во 2014 и 2016 под водство на Заев. Тој во двата наврата вети дека ако загуби ќе се повлече. Граѓаните очекуваат или оставка или објаснување зошто во 2014 кога вети дека ако ги загуби изборите ќе се повлече и во 2016 исто така, но се уште не го прави тоа. – изјави Груевски.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ денеска во придружба на дел од министрите од техничката влада беше во обиколка на градежните работи на автопатот Охрид – Кичево вреден 374 милиони. Наместо во 2018 година како што беше првично најавено пуштањето во употреба на автопатот кој го гради кинеската компанија Синохидро ќе биде пролонгирано.

-Речиси половина од проектот е завршен. Имав прилика да видам како напредува изградбата на тунелите и можам да кажам дека работите се реализираат според предвиденото, очекувањата се дека автопатот помеѓу Кичево и Охрид ќе биде завршен во првата половина од 2019 година. Ќе има 28 мостови и вијадукти, 2 големи тунели по 2 километри. Во моментов ангажирани се 1500 работници. – рече Груевски.

Поранешниот премиер денеска ја посети и специјалната болница Св. Еразмо каде се гради ново болничко крило каде треба да биде префрлен кардиолошкиот центар. Овој објект како карабина стоеше од 1989 година, а продолжи да се гради пред 14 месеци во што ќе бидат вложени околу 3.5 евра, а дополнително набавена е модерна здравствена опрема.

-Работите се одвиваат според предвидената динамика и новото крило, што беше наше ветување ќе биде готово во септември. – рече Груевски.

Тој го посети и институтот за филм во Охрид каде е набавена нова опрема за снимање со што, како што рече, значително ќе бидат подобрени условите за работа на студентите. Груевски се осврна на потребата од изградба на конгресен центар во Охрид, од што како што рече многу би профитирал градот, но и држата. Посочи дека засега не постои интерес кај приватниот сектор за тоа, па тој ќе го реализира ЕЛЕМ. Груевски истакна дека за три години Охрид ќе добие нов театар, како и катна гаража која исто така ја работи ЕЛЕМ. 

Г.М.