Премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, на денешната пресконференција во Владата,  оцени дека според информациите на стручните лица,  македонската полиција во Куманово во минатите 28 часа ја имала досега најтешката, најкомплицирана и најсериозна операција во својата историја.

Тој подвлече дека полицајците, во чиј состав биле луѓе од сите етнички и верски групи, македонци, албанци, срби, турци, власи и останати, изршиле високо професионална, патриотска и херојска операција и успеале да ги неутрализираат терористите кои подготвувале терористички напади. Груевски изрази сочувсто до семејствата и најблиските роднини на 8-мината загинати полицајци. Нивниот патриотизам е пример за останатите, изјави Груевски, додавајќи дека Македонија загубила 8 луѓе кои спречиле убиства, можеби на 8 000 луѓе.

Според македонскиот премиер, ова не бил македонско – албански судир, туку судир на лица кои не и сакаат добро на државата и народот и припадниците на безбедносните сили. Дејствувањето на терористичката група е на штета на сите граѓани, оцени Груевски.

Според Груевски, значаен дел од 30-тината терористи кои по повеќечасовен отпор, безусловно се предале, се уапсени и ќе бидат изведени пред суд. Тој потврди дека биле пронајдени безживотните тела на 14 убиени терористи, но увидот се уште не е завршен. Според премиерот, значаен дел од уапсените се и лица кои неодамна учествувале во нападот на полициската станица во Гошинце.

Тие учествувале во повеќе конфликти во регионот и делумно на блискиот исток. Според Груевски, станува збор за најопасната терористичка група на Балканот а нивните цели и мотиви ќе треба да ги утврди истрагата иако несомнено една од намерите им била дестабилизација на Македонија.

Груевски изрази благодарност и до градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски, заради помошта која ја дал во текот на полициската операција.

OhridNews