8-ми Септември е историски момент за Македонија, триумф на борбата и жртвите на сите претходни генерации. Триумф и на нашата генерација. Од 8-ми септември 1991 година сме свои на своето. Од тогаш па наваму главниот предизвик е како подобро да се уреди животот и функционирањето на нашата држава, во рамките на демократските принципи, и како побрзо во секој поглед да ги достигнеме стандардите на заедниците во кои стремиме: ЕУ и НАТО. Ова го истакна премиерот Никола Груевски во своето обраќање денеска на свечената академија по повод 8-ми Септември кога прославуваме 24-годишнината од формирањето на независна, суверена и слободна Република Македонија.

Тој посочи дека тоа достигнување чија колуминација беше со изгласувањето на референдумот на 8-ми септември 1991 година, беше завршница на формирање на сопствена држава, по многу години борба на генерации и генерации наши предци, огромен број положени жртви, уништени животи, затварања и малтретирања.

-Формирањето сопствена држава не одеше ни лесно ни брзо. Одеше чекор по чекор, борејки се, и начекувајки и искористувајки одредени историски моменти за реализација на наредниот чекор. Она што беше сврзното ткиво, она што како нишка провејува низ вековите во сиот изминат период, и кога народот што живееше на овие простори беше под комунистичкиот режим, под фашистичката окупација, под српска или бугарска власт, под отоманската империја, под византиската и римската империја, или пак предходно, беше зборот: Македонија, нагласи премиерот Груевски.

Овој збор, додаде тој, некогаш бил империја, некогаш географски поим, некогаш историски поим, некогаш регион, провинција, некогаш под тоа име, а некогаш наметнато привремено друго име, некогаш, гласно, некогаш тивко.., но овде на оваа почва, еден збор, зборот Македонија, е нешто што се наоѓа во секој век, ако се раскопа низ археологијата, книгите, записите, белешките, мемоарите, делата на патеписците, монетите, архивите, хроничарите, или било која друга историска анализа.

Премиерот потсети на историските детали на Македонската историја пред независноста и посочи дека генерацијата која ја извојува независноста и самостојноста заслужува благодарност од сите следни генерации.

– Оттука, на овој ден, треба да ги спомнеме имињата на луѓето кои во 1991-та ризикуваа и успееја. На Киро Глигоров и Љубчо Георгиевски, како претседател и подпретседател на Република Македонија, Стојан Андов како претседател на Парламентот, Никола Кљусев како премиер на Владата, подпретседателите и министрите во таа Влада, од кој еден од нив, министрот за внатрешни работи Јордан Мијалков, обавувајќи ја својата високо ризична задача во тој период го загуби и неговиот живот. Понатаму, сите пратеници во Парламентот во тоа време, како и полтичките партии кои партиципираа во Парламентот, меѓу кои најбројна беше ВМРО-ДПМНЕ, втора најбројна СДСМ, партијата ПДП, Социјалистичката партија на Македонија, Либералната партија како и другите политички партии кои имаа свои преставници во Парламентот. Но, пред се, и над сите нив, е народот, неговата решителност и одлучност да ризикува и да гласа за тоа што и тој, и неговите предци со генерации посакувале и се бореле, слободна, суверена и независна Република Македонија, вели премиерот. Тој нагласи дека тоа биле денови на неизвесност, на опасности од нови окупации и војни, денови кога секојдневно се шпекулираше дека може да бидеме нападнати и окупирани, а политичките предводници ликвидирани.

Премиерот Груевски нагласи дека Македонскиот народ поминал низ многу предизвици и премрежија и сите теории дека Македонија е привремена држава паднале во вода, а Македонија, со сите проблеми со кои се соочувала, одела напред.

– Имавме подеми и падови, залети и кризи, успеси и неуспеси, остварени и неостварени соништа, но државата се градеше и се движеше напред. Не секогаш исто и со посакуваната динамика, но зад нас се 24 години континуирана надградба на она што се оствари на 8 ми септември 1991 година. Денешниот  голем предизвик на Македонија, откако веќе ја доби независноста, е членството во ЕУ и НАТО, и надминувањето на проблемот кој го постави Грција, а поврзан со нашето име и идентитет, порача Груевски, додавајќи дека  и за тоа ни треба долга борба но овој пат политичка.

OhridNews

Извор: „МИА“

Претседателот Иванов го честиташе празникот 8-ми Септември