Досегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски беше прогласен за почесен претседател на партијата на Конгресот кој што се одржува во Валандово. На Груевски му беше доделена и плакета за благодарност за неговата работа во партијата. Инаку во своето подолго обраќање до присутните делегати, Груевски изрази увереност дека делегатите нема да погрешат и ќе донесат правилна одлука со која ВМРО-ДПМНЕ и Македонија ќе одат напред и ќе победуваат.

– Ветив многу работа и резултати, а кој работи, тој и греши. Верувам дека  новиот претседател и новото раководство како и секој мудар човек, ќе ги продолжат и ќе научат многу од нашите добри практики и работа, но и дека ќе ги избегнат моите и нашите грешки. Така постапува секој мудар наследник, кога доаѓа на важна висока позиција. Тоа не е гаранција дека тој нема да згреши нешто, но претпоставува дека нашето искуство ќе го направи подобар од нас. Јас ќе бидам среќен ако секој мој наследник, било во партијата, било во владата биде поодбар од мене, поуспешен, и направи повеќе од мене за партијата и за Македонија бидејќи тоа ќе биде добро за нас и за нашите деца. И да не заборави да остане добар човек. Затоа што власта и моќта честопати го прават човека полош, понервозен, посамозадоволен и помалку толерантен, рече Груевски.

Груевски го потсети победникот дека мора да има високи морални и човеки квалитети и дека ВМРО-ДПМНЕ е победничка партија, и треба да избере победнички претседател.

Конгресот со работа ќе продолжи во 15 часот.

OhridNews