
-На 5-ти јуни народот како и во 2008 година ќе гласа за, а не против актуелната власт, затоа што ВМРО и оваа коалиција продолжија да работат по принципот на одговорност и посветеност и имаа чесен пристап кон работата. Ние сме првата влада која издаде отчет по завршување на мандатот за да се види и да се направи разлика што е она што било ветено и што е исполнето.-рече Груевски.

Тој најави дека економијата, влез на земјата во НАТО и ЕУ, борба против криминалот и корупцијата, задржување на добрите меѓунационални односи и доверба и образованието, ќе бидат пет стратешки приоритети на ВМРО ДПМНЕ и во наредниот период, најавувајќи реализација на 1200 проекти, даночни олеснувања и мерки за подобрување на бизнисот и животот на граѓаните.

Во врска со решението на спорот за името, Груевски кажа дека во Манифестот на ВМРО ДПМНЕ јасно стои што е прифатливо за неа, а што не.
– ВМРО ДПМНЕ нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното има на Република Македонија. ВМРО ДПМНЕ нема да прифати идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет, засебност на македонската нација и македонскиот јазик. ВМРО ДПМНЕ како одговорна и народна партија нема да дозволи кое било решение за спорот кој го наметна Грција да биде прифатено од страна на политичари поединци, Влада или Собрание без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум, а при тоа мнозинството од граѓаните кои ќе излезат на референдум да се согласни со можното решение. Тоа беше и тоа останува ставот на ВМРО ДПМНЕ.-нагласи Груевски.

Пред стружани се обрати и носителот на кандидатската листа на коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ во 5-та Изборна единица, Антонио Милошоски, кој рече дека големиот број симпатизери присутни на митингот во Струга се гарант за изборна победа на парламентарните избори и ги повика граѓаните на петти јуни референдумски да излезат на гласање и да стават крај на транзиционите политичари.

На митингот се обрати и лидрот на ДОМ Лилјана Поповска, а зборуваа и кандидатките за пратеници од Струга, Лилјана Затуровска и Надица Николовска.










