Хотелот „Гарден“ и Охрид од денеска се сопственици на Гинисов рекорд за најголема шопска салата во светот.

Персоналот на хотелот со поддршка на ученици од средното угостителско училиште „Ванчо Питошески, заедно со јавни личности, и угостители од Русија, Украина и Македонија подготвија 202,86 килограми од оваа позната салата која ја прават сите земји во регионот, со што го срушија рекордот кој го држеше Бугарија каде е направена шопска салата од 80 килограми.

Иницијативата да се подготви шопска за Гинис е на Ина Жарова од Русија, инаку повремен жител на Охрид и најпознатиот професионален угостителски критичар во Русија Олег Назаров. Заедно со нив во х. „Гарден“ во Охрид пристигнаа и петнаесетина сопственици на познати ресторани во Москва, кои учествуваа во подготвувањето на салатата со светски рекорд за која специјално беше изработен соодветен сад. Настанот го поддржаа Македонско – руската стопанска комора и „Македонски трговски дом“.

Рекордот го верификуваше меѓународна комисија која на сопственикот на х. „Гарден“ Наум Бакрески и на претседателката на Советот на општина Охрид Гордана Коњаноска им врaчи соодветен сертификат.

Шопската салата за Гинис ја вкусија гостите на х. „Гарден“ кои присуствуваа на кулинарскиот подвиг. Дел од салатата за Гинис хотелот „Гарден“ во соработка со Црвениот крст од Охрид ја донира на социјално загрозени граѓани, хуманитарни организации и институции.

Фото галерија:


Хотел „Гарден“ Охрид направи шопска салата од 202 килограми за Гинис!

 

 

Г.М.