Охрид ќе влезе во Гинисовата книга на рекорди со најголемата шопска салата во светот која утре (петок), ќе ја подготви хотелот „Гарден“.
Иницијативата е на Ина Жарова од Русија, инаку повремен жител на Охрид и најпознатиот професионален угостителски критичар во Русија Олег Назаров. Заедно со нив во х. „Гарден“ во Охрид пристигнаа и петнаесетина сопственици на познати ресторани во Москва.
Специјално за необичниот подвиг изработен е соодветен сад каде ќе се прави познатата шопска салата според светски прифатениот рецепт. Салатата ќе ја подготвува персоналот на хотелот „Гарден“ со помош на учесници од средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ од Охрид.
-Предвидено е Шопската салата за Гинис да тежи околу 200 килограми. Таа ќе биде измерена на вага, а податоците потоа ќе бидат испратени на верификација до Гинис.- информираат од хотелот „Гарден“.
Шопската салата за Гинис ќе ја вкусат гостите на х. „Гарден“ кои ќе присуствуваат на кулинарскиот подвиг кој ќе придонесе за уште поголема туристичка промоција на Охрид. Дел од Шопската салата за Гинис хотелот „Гарден“ во соработка со Црвениот крст од Охрид ќе ја донира на наши сограѓани, хуманитарни организации и институции.
OhridNews













