Инвеститорот ја продолжува изградбата на хотелот во Лагадин и покрај тоа што има решение за времено запирање на градежните работи реагира неформалното еколошку движење Охрид ЅОЅ. Оттаму посочуваат дека на истакнатата табла кај објектот стои број на решение поништено од страна на Општина Охрид уште на 15 март 2017 г. и дека во случајот се прекршуваат 13 законски одредби
„Согласно податоците кои ги имате доставено до Инспекцискиот совет градбата на објектот е повторно отпочната без никакво одобрение за градба“, гласеше одговорот на Инспекцискиот совет на РМ по претставката која Охрид ЅОЅ ја поднесе на 15 јуни 2017 г., информираат од еколошкото движење.
Охрид ЅОЅ ги испратил истите информации и до Општина Охрид и до Секторот урбанизам од кои се бара итно прекинување на сите активности, издавање одобрение за отстранување на бесправниот објект и најстрого санкционирање на лицата кои го прекршиле законот со обидот од 14 јуни 2017 г. повторно да почнат со градежни работи.
-Градењето без одобрение за градба повлекува повеќе санкции меѓу кои и одземање лиценца на изведувачот, како и илјадници евра во глоби. Дополнително бесправните објекти не смее да се поврзат за техничка инфраструктура (водовод, канализација итн.) што значи дека тој хотел дури и да се изгради не би бил употреблив. – посочуваат од Охрид SOS.
Општина Охрид информира дека издаденото одобрение за изградба на споменатиот објект, е поништено од страна на Инспекцискиот совет со образложение дека инвеститорот, ненавремено известил за отпочнување со почеток на градежни активности.
„Општина Охрид, донесе решение за поништување на правосилноста на одобрението за градба на хотелот во Лагадин, на што Инвеститорот со жалба, го обжали предметното решение до соодветната второстепена комисија при Министерството за транспорт и врски, од каде жалбата на Инвеститорот е уважена, а предметот го врати на повторно одлучување на Општина Охрид. Наведениот предмет е во фаза на обработка и целосно постапување по насоките дадени од страна на второстепениот орган, и наскоро се очекува да биде донесена соодветна правна одлука.“ – соопшти локалната самоуправа.
OhridNews












