Заклучно со 8 септември во земјата се регистрирани 58 случаи на западнонилска треска, од кои 54 се потврдени, а четири се водат како веројатни. Починати досега се осум лица, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.

Регистрирани се 57 автохтони случаи и еден случај со историја на патување во Грција, но инкубацискиот период покрива и престој во Македонија. Од регистрираните случаи, 46 или 79,3% се машки, а 12 или 20,7% се женски.
Во однос на возрасната дистрибуција, најголем дел се лица на возраст над 60 години – 47, седум се лица на возраст од 50-59, едно лице на возраст од 30-39, а три лица на возраст од 20-29 години.
Почетокот на симптомите кај најголем дел од заболените – 38 или 65,5% е регистиран во месец август. Кај 17 случаи почетокот на симптомите е во месец јули, два во месец јуни, а кај еден случај во месец мај.
Во текот на изминатата недела (02-08.09.2026), пријавени се 2 нови случаи, од Скопје и Свети Николе, а регистрирани се два нови смртни исходи кај лица од Скопје.
OhridNews










