Вчерашната изјава на премиерот Зоран Заев дека нема да дозволи суетен новинар да ја симне Владата од власт, СЕММ ја оценува како недолична и несоодветна од носител на јавна функција. Улогата на власта во демократијата во ниеден случај не смее да значи нивно мешање во работата на новинарите, а ваквите изјави може да се сметаат за отворен притисок и обид за јавна дискредитација на професијата, од која се очекува да даде одговор на прашања од интерес на јавноста, се наведува во реакцијата на СЕММ.

  • Во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права, работата на новинарите мора да биде ослободена од какви било закани и притисоци, а државата е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да се создаде и одржува поволна клима за слобода на изразување, нагласуваат од советот.

Додаваат дека во исто време, ја осудуваме и непримерната изјава на премиерот со која директно се стигматизира ЛГБТИ заедницата во државата, во услови кога оваа заедница долго време се залага за ослободување на јавниот дискурс од дискриминаторен и потценувачки однос.