
-Загубивме извонреден човек и исклучителен работник кому секогаш најважни му беа грижата за пациентите и нивното здравје. – рекоа неговите колеги и соработници.
Петар Мојсоски основно образование има завршено во родното место, а средно образование – гимназија во Струга. Своето образование го продолжува на Фармацевтскиот факултет во Скопје. Стручните знаења како и љубовта кон природата ги користи во интерес на науката и публикацијата. Уште за време на студирањето објавува научни трудови од областа на лековитите растенија и нивната употреба.
Во 2005 година ја објавува својата прва книга „Лековити растенија на планината Јабланица“, во 2008 „Природни антибиотици“ и во 2009 „Отровни билки“. Изработи и Прирачник за собирање лековити билки, како и книга за лекување на органите за дишење со лековити билки.
Петар Мојсоски целата своја кариера ја посветува на пациентите работејќи во аптека најдолго во родното Подгорци како и во други места. Беше редовен соработник на Магазинот за здравје и современ живот „Наше Здравје“, каде објавуваше стручни совети за лековитите својства на билките.

-Петар Мојсоски е првиот здравствен работник кој почина од КОВИД -19. Фармацевтите и фармацевтските техничари кои работат во аптеките се на првата линија во лекувањето на сите пациентите без разлика на нивните заболувања и здравствени состојби. Во состојба на пандемија кога потребата за посета на аптеките е поголема изложеноста на здравствените работници е зголемена, а со тоа и ризикот за заболување. – истакна Проф. д-р Бистра Ангеловска, претседател на Фармацевтска комора на Македонија.
OhridNews
					



							






