Пратеници на СДСМ, поддржани од колеги од НСДП, ЛДП, ПОЕН, Алијансата на Албанците, ДПА и БЕСА, како и независни пратеници, денеска до спикерот Талат Џафери доставија иницијатива за свикување на Собранието, кое, како што е познато се самораспушти пред почетокот на корона кризата, по што беа распишани вонредни парламентарни избори за 12 април. Во меѓувреме тие се одложени, а во земјата на сила е вонредна состојба.

Пратеникот од Охрид Рубин Земон, е еден од подржувачите на иницијативата Собранието повторно да се стави во функција. Тој смета се создадени законски услови за тоа, дотолку повеќе што е пробиен рокот за одржување на вонредните парламентарни избори, поради што всушност се распушти Собранието.

Мојот мандат, а и мандатот на сите пратеници трае се до изборот и вефирификацијата на мандатот на новиот пратенички состав. Тоа што на 16 февруари Собранието се распушти, беше со цел за организирање на вонредни парламентарни избори. За таа цел и на 03 Јануари 2020 беше избрана техничка Влада со мандат за да се спроведат вонредните парламентарни избори. Уставот во член 63 став 3 предвидел вонредни избори да се одржат во рок од 60 дена од распуштањето на Собранието. Тој рок е пробиен. А од друга страна според член 66 став 1 вели дека Собранието е во постојано заседание. За нов рок и датум за распишување на нови избори повторно треба да реши Собранието, бидејќи според Уставот и изборниот законик само тоа е надлежно да реши за тоа, а претседателот на Собранието да донесе решение за распишување. Не може Владата со Уредба (и покрај тоа што е вонредна состојба) или ДИК да одредуваат кога ќе биде датумот на изборите. Уставот не им дал такви надлежности. – вели пратеникот Рубин Земон.

Според Земон за донесување на одлука за поништување на одлуката за распуштање на Собранието од 16 Февруари 2020 година, потребно е да гласаат 61 пратеник и нема потреба спикерот да носи таква одлука.

Мислам дека за тоа е обезбедено мнозинство на гласови. Никој не бара од Талат Џафери тој да ја поништи одлуката за распуштање, одлуката ќе ја поништи Собранието, бидејќи тоа ја донело. Тој е должен да свика седница според Деловникот, на иницијатива на која се потпишани најмалку 20 пратеници. – дециден е Земон.

Тој појаснува дека Уставот налага во една ваква ситуација да се свика Собранието, бидејќи согласно своите надлежности има обврска да ги потврди одлуките за вонредна состојба донесени од Претседателот Стево Пендароски.

Во период на вонредна состојба Владата може да носи уредби со законска сила, но Собранието има и други надлежности, пред се има надзорна улога, има и Анкетна комисија за заштита на правата на граѓаните на пример, како и многу други комисии. Членовите на комисијата за спречување на дискриминацијата исто така не се избрани, а таа комисија скоро една година не функционира. Исто така и Парламентарното собрание на Советот на Европа од 7 април 2020 година утврди препораки до земјите членки за засилена парламентарна контрола на парламентите врз владите за време на вонредна состојба поради пандемијата со корона вирусот. Република Северна Македонија е речиси единствена земја во Европа и светот без Законодавен дом за време на вонредната состојба поради пандемијата со корона вирусот. – истакнува пратеникот Земон.

Спротивно на ваквите ставови на пратениците кои стојат зад иницијативата, опозициската ВМРО ДПМНЕ останува цврсто на ставот дека нема правен основ распуштеното Собрание повторно да се врати во функција. Одредбите во македонскиот Устав се јасни, распуштеното Собраие не може да се состане, вели потпретседателот на ВМДО ДПМНЕ Александар Николоски.

Собранието е распуштено. Откако тоа ќе се распушти се организираат избори. Во монентов тие се стопирани заради вонредната состојба и кризата со која и здравствено и економски се соочува Македонија. Тоа Собрание повторно не може да заседава затоа што е распуштено. Многу е јасно и човек не треба да е голем експерт за тоа да го сфати. Така што еднаш распуштено Собрание не може да се врати и заседава. – изјави денеска на прес конференција Николоски.

Според Николоски оваа иницијатива е поврзана со однесувањето на СДСМ и нејзиниот лидер Заев, кои, според него, во услови на криза предизвикана од коронавирусот, во која, како што истакна, семејства ги губат најблиските, а голем број луѓе работните места, се обидуваат да наметнат политичка агенда, која во крајна линија е поврзана со изборите и обидите на се уште актуелната власт да избегне одговорност.

Ова е нечовечко однесување, но доколку решат повторно по 100 пат да го кршат Уставот и да не се грижат за здравјето на граѓаните, економската благосостојба, секако ВМРО ДПМНЕ ќе заседава и ќе донесе одлуки коишто секогаш ќе бидат на линија со Уставот и законите, но пред се во насока на заштита на здравјето на граѓаните. Смачено ми е од ова однесување на СДСМ во услови на најтешка здравствена и економска криза да размислуваат како да се спасат од одговорност за криминалите коишто ги направија. – рече Николоски.

Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ истакна дека неговата партија во моментов е фокусирана на актуелната состојба во земјата, а не на избори, посочувајќи дека воопшто не размислува ниту за нов датум на избори, ниту пак за евентуална промена на кандидатските листи, кои, како што рече, се затворени и потврдени од ДИК.

Не треба да се зборува за избори во вакво време дотолку повеќе што сметаме дека на јавноста не и се презентираат вистинските бројки на заразени од коронавирус. Секојдневно гледаме луѓе кои по 5 -10 дена чекаат на резултат од тестирање, а јасно е зашто се прави тоа, затоа што има целосна неспособност во менаџирањето на здравствената криза, а економијата е пред колапс. И во вакви услови наместо овие од СДСМ коишто ја водат владата да излезат со решенија, зборуваат за политиканство и обид за спасување од нивните криминали, затоа што спас нема да има, но јас можам да им порачам дека ќе ги поразиме на избори кога и да се одржат тие, но прашање е дали тоа треба да биде по цена на човечки животи. – истакна Николоски.

Пратеникот Рубин Земон, пак, смета дека критиките на иницијативата за враќање на функцијата на Собранието, доаѓаат во главно од лица што се на кандидатските листи, кои, како што рече, најверојатно со нетрпение чекаат да седнат во пратеничките клупи. Тој негира дека целата иницијативата е всушност маневар на СДСМ во функција на одржување избори штом се олабават мерките на заштита, најверојатно во јуни.

Главен приоритет и фокус на сите партии сега треба да бида да се сочуваат што повеќе човечки животи, да се закрепне економијата, да се даде финансиска помош на микро, малите и средните претпријатија, на земјоделците и занаетчиите за да можат да опстанат, како и да им се помогне не семејствата во ризик, затоа што има деца кои немаат компјутери и не можат да следат он-лине настава. Да се дојде до некое нормално живеење, па после да размислуваме за избори, додава Земон.

Според Земон сега треба да се размислува повеќе за интересот на граѓаните и државата, а помалку за лични и тесно партиски интереси, посочувајќи дека не смее да се дозволи државата да остане без фукнционален парламент.

Г.М.