Во врска со Бадниковите поворки кои беа организирани во повеќе градови во Македонија, се огласи и министерството за образование и наука. Од МОН нагласуваат дека станува збор за период кога учениците се на зимски распуст, кога нивните родители, односно старатели го организираат користењето на слободното време и активностите на нивните деца.

– Од Министерството за образование и наука не била побарана, ниту Министерството дало согласност за превземање на било какви активности во училиштата за подготовка или организирање на учениците за учество во овие манфестации, во текот на првото полугодие од оваа учебна година. Во оваа прилика укажуваме дека на граѓаните на Република Македонија им се гаранитира правото на здружување и слободата на вероисповеста, односно слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата, но во Законот за основното образование во членот 11 е наведено дека „во основното училиште се забранува политичко и верско организирање и дејствување“. Воедно, наставниците во спроведувањето на наставата по сите задолжителни или изборни предмети, се должни да ја следат програмата која е утврдена од страна на Министерството, велат од МОН.

Заради расчистување на било какво сомневање околу прекршување на законските одредби од областа на образованието, Министерството за образование и наука во текот на утрешниот ден ќе побара од Државниот просветен инспекорат да ги испита сите индиции за евентуално верско организирање и дејствување во училиштата.

– Воедно напоменуваме и дека вршење на инспекциски надзор од страна на Државниот просветен инспекторат беше невозможно во изминативе неколку денови, со оглед на тоа што покрај учениците кои се на зимски распуст и вработените во училиштата се ослободени од активности до 09.01.2018 година, велат од министерството.

OhridNews