Според последните мерења од метеоролошките станици на Управата за хидрометеоролошки работи, во изминатите часови најголеми количини на дожд паднале во Гевгелија, Крушево, Демир Капија и Прилеп, како и во Битола и Охрид каде наврнале 16 литри на метар квадратен. Овие врнежи заедно со тие што паднаа изминатото деноноќие предизвикаа зголемување на водостојот на водотеците низ земјата. Најголеми зголемувања на водостојот се забележани на реката Коњска (за 100 см), на Црна (за 30 см) додека нивото на Дојранското Езеро е зголемено за 10 см.

Во текот на денешниот ден и особено во текот на ноќните часови во земјава ќе продолжи да преовладува облачно време проследено со врнежи од дожд, кои според прогнозата на синиоптичарите на места повторно ќе бидат обилни. И покрај тоа што на поголемиот дел од реките низ земјата водостоите сеуште се доста ниски и се под просекот за овој период од годината, се очекува овие количини на дожд да предизвикаат натамошно зголемување на водостојот и да ги наполнат речните корита на водотеците низ републиката.

Зголемување на водостојот се очекува на сите водотеци низ земјава а ова особено се однесува на помалите водотеци со мали сливни површини кај кои побрзо се формира истекувањето. Доколку се остварат прогнозите и на места наврнат поголеми количини од дожд, можно е да дојде до значително зголемување на водостојот и полнење на коритата на помалите реки а на некои места можно е да има и локални излевања, пред се на малите водотеци. Најмногу треба да се обрне внимание на водотеците во јужните и западните делови од земјава односно на водотеците кои доаѓаат од Кожуфскиот Масив (р.Коњска, р.Кованска, р.Серменинска, р.Бошава, р.Дошница, р.Петрова), потоа малите реки во Гевгелиско – Валандовската Котлина (р.Анска, р.Поганска, р.Луда Мара), како водотеците во горниот дел од сливот на р.Струмица (Радовишкиот крај). Кај големите реки со големи сливни површини се очекува зголемување на нивниот водостој но тие би имале доволно голем капацитет да ги примат овие врнежи без можност за нивно излевање.

Од управата предупредуваат за внимателно движење покрај водотеците (особено на помалите) и будно следење на состојбата во наредните денови.

OhridNews