Фестивалот на водени спортови (Ohrid water festival) ќе прерасне во врвна манифестација што ќе ја збогати понудата на Охрид, со седумнаесет исклучитечно интересни настани. Дополнително оваа манифестација ќе им даде поттик и на клубовите кои се занимаваат со спортови на вода, но и позитивно ќе влијаат на младите. Ова, меѓу другото, го истакна градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков во емисијата Спорт + на Охридњуз, пред почетокот на првото издание на Фестивалот на водени спортови.

Ваков концепт на спортови на вода преточени во фестивал не постои никаде на светот, што не прави особено горди, затоа што токму од Охрид и оваа локална самоуправа потекнува една ваква идеа која верувам со организацијата што ја има и поддршката, ќе доживее голем успех. – додаде Пецаков.

Фестивалот на водени спортови ќе има и социјална и еколошка компонента, што дава дополнителна тежина на манифестацијата. Круна ќе биде Охридскиот пливачки маратон кој оваа година ќе има двојно повеќе учесници, дел од самиот светски врв, за што повторно се погрижија Градот Охрид, ПК Охридски Бранови и организациониот одбор.

Во емисијата стана збор и за второто издание на меморијалниот турнир во ракомет „Крсте Андоновски“ што од 23 до 26 август ќе се одржи во салата „Билјанини настани“, на кој оваа година ќе учествуваат осум силни екипи, меѓу кои учесници во Лигата на шампиони и СЕХА лигата, како и актуелни прваци во своите држави. Сите овие настани, смета Пецаков“, се вовед во квалитативна промена на понудата што ја нуди Охрид во туристичката сезона.

На Охрид доста му е шунд и квантитет. Ваков квалитет на настани само ќе придонесат Охрид културно да го спознаеме и да го испромовираме и, тоа што е лоша пракса години нанзад, или наследена состојба, а можеби би можеле поинаку или воопшто да не се случуваат, тоа е нешто на што ќе работиме во идниот период и овие се настани кои ќе го подигнат Охрид скалило погоре на културната скала, надополнети со квалитетните културни настани со децениска традиција како фестивалот „Охридско лето“, „Балканскиот фестивал“ и други исклучително успешни културни концепти кои ги има Охрид. – рече Пецаков.

Целото интервју може да го проследите на линкот подолу:

Г. Момироски