Успешни и реализирани голем број охриѓани оставаат неизбришлива трага меѓу своите сограѓани. OhridNews ви открива како тие го минуваат своето слободно време, која е нивната омилена музика со која се релаксираат, колку наоѓаат време за своите пријатели…

Игор Кичеец, успешен адвокат, еден од сопствениците на култното Мецо Форте и еден од основачите на познатото УНОФОРТЕ радио, вели дека прошетката покрај езерото е „лекот“ кога е нерасположен, дека семејните патувања секогаш се незаборавни, а во добро друштво често знае и да запее. За пријателите ако му недостига и би „родил време“.  

OhridNews: Во колку часот Ви започнува работниот ден? Утринското кафе го пиете со колегите или дома?

И.Кичеец:По природа сум ранобудник, па независно од тоа колку часа сум спиел, обично станувам прв дома за до 8.30 часот да стигнам на работа. Секако, според дневната агенда. Доколку сопругата, која е доктор и работи во смени е во можност, првото кафе го пијам со неа дома. Сепак, утринското кафе најчесто го пиеме на работа со колегите од канцеларија. Знаеме и со колегите адвокати, ако е убаво времето, пред работа да направиме краток кафе-муабет кај Балабановци во пабот или пред пекарата за лиснато.

OhridNews: Како најчесто ги поминувате слободните викенди?

И.Кичеец: Со оглед на динамичната работна недела и обврски надвор од Охрид, сакам викендите да ги поминам во Охрид, да се дружам со драги луѓе, мои охриѓани, но и со гости. Некако со Охрид сум поврзан како со папочна врска, силно, емотивно… Сите охриѓани носат дел од таквото чуство, но оние кои се вистински, знаат точно за што зборувам. Сепак, знам понекогаш и да побегнам некаде настрана.

OhridNews: Бевте еден од сопствениците на култното „Мецо Форте“. Според Вас што беше она „клучното“ за ова место да остане во меморијата на охриѓани како синоним за добра забава.

И. Кичеец: Убави луѓе во вистинско време, кое потраја дваесетина години. Не мислам само на сопствениците. Секако јас и мојот покоен брат Сашо Кичеец (за многумина Сале) бевме иницијалната искра. Но, пред се мислам на персоналот и гостите. Во Мецофорте се слеаја креативна позитивна енергија во неограничени количини, што се пренесуваше преку одличната музика – соодветно одбрана за конкретниот момент. Секако тоа резултираше со неверојатна и неповторлива пријателска атмосфера. Секој се чуствуваше добредојден и дека баш тука припаѓа. Секој од нас подари дел од својата душа искрено. Оставија дел од својата душа обични луѓе, но и големи имиња, актери, музичари, уметници… Доаѓаа без најава и не бараа никаков екстра третман. Напротив, бараа „рамноправен“ третман со останатите… Магија.

OhridNews: Професијата адвокат се вбројува меѓу неколкуте најстресни професии. Дали се случило барем на момент да посакате да работите некоја друга професија?

И. Кичеец: Сум имал прилика и задоволство, пред и паралелно со адвокатурата да се занимавам и со друга професија и тоа успешно. Но, адвокатурата иако мошне напорна и стресна професија е мојот прв и краен избор. Сметам дека мојата генерација на адвокати работеше во најтешки услови. Во услови на премин од еден во друг политички систем, во услови на распаѓање на една и раѓање на друга држава, кризи, војни, блокади… Тоа од една страна ствараше објективни проблеми: хиперпродукција на нови и нови прописи, често носени без никаква потреба и по нарачка од поединци и групи– тешко „сварливи“ и неретко за еднократна употреба. Од друга страна субјективизми и партизација во изборот на судии, обвинители, административци– со недоволно стручен, но и човечки капацитет. За жал сето тоа донесе до ситуација на правна несигурност кај луѓето. Но, адвокатот не би бил адвокат ако лесно се предава. Напротив, од неперфектноста  на системот и тешкотиите го хранам својот „инает“ за на крајот да успеам да ја истерам правдата за својот клиент. Посветена адвокатура е и мој семеен завет, и долг спрема моите родители, татко ми адвокатот Томислав Кичеец и мајка ми Василикија– професор по право, но и кон моите деца и децата на брат ми. Особено ме прави радосен што адвокатската традиција во нашата фамилија продолжува и натаму, од неодамна со трета генерација адвокати.Тоа не е мала работа.

OhridNews: Колку  патувате со Вашето семејство? Кои патувања би ги издвоиле ?

И. Кичеец: Ако не се сметаат кратките „бегства“ за време на викендите, со семејството патуваме два пати годишно. На зима изминатите десетина години на скијање, обично во Банско. Тоа е спортско-рекреативна варијанта за полнење на батериите. Но, летните патувања носат посебна возбуда. Со оглед дека моите ќерки Леона и Мартина веќе пораснаа, не се заинтересирани за статични летувања по грчките плажи. Затоа последниве години практикуваме по некое поатрактивно патување. Би ги издвоил патувањето со автомобил во сопствена режија од пред некоја година во јужна Италија: Пуља, Кампанија, Калабрија… Прекрасната обала Амалфи, помеѓу Соренто и Салерно, како и бисерот на Калабрија – Тропеа, со прекрасната плажа и пејзажи … Секако тука се и крстарењата, годинешново по западен медитеран со посети на Џенова, Кан, Монако, Барселона, Палма , Неапол… Неописливо е возбудувањето на секое ново утро, со кафе и доручек на палуба во нов медитерански град… И желбата да го исцедиш до крај денот во градот во кој си впловил, да видиш и почувствуаш што повеќе. Кон крајот на денот, со зајдисонцето, да отпловиш во следниот град… А во вечерите, иако очите ти паѓаат од умор,  да се опуштиш со чаша вино …

OhridNews: Колку наоѓате време за пријателите и како најчесто ви поминуваат заедничките дружења?

И. Кичеец: За пријателите сум секогаш достапен и ако треба „би родил“ време. Немаме некоја постојана шема. Според моменталните услови и инспирација: по кафани, по дома за разни себапи. Со добри луѓе, секогаш и секаде е убаво.

OhridNews: Ви се случува ли кога сте во добро расположение и да запеете? И што најчесто?

И. Кичеец: Сум имал среќа да сум опкружен со музикално семејство и пријатели. Татко ми и мајка ми одлично пееја кога беа помлади, а татко ми и свири гитара. Имаа големо друштво – сите песмаллии и често се собираа. Со песна до зората… Од нив сум научил многу песни: стари евергрини, староградски, далматински… И моите другари сите од ред се музикални и свират на по некој инструмент.  И јас свирам по малку гитара, хармоника и клавир и пејам. Со другарите сме пееле во Академскиот хор „Мирче Ацев“, одевме по турнеи во странство и добивавме награди. Знам да запеам со друштво, со „тамбурашите“ по охридските локали, но и рокерска варијанта кај Паткана. Го обожавам Оливер Драгојевиќ, сакам да ги пејам неговите песни, но и Џибони и југословенските рок стандарди со кои растеше и созреваше мојата генерација.

OhridNews: Како дојде до тоа Вашиот глас да се најде на најслушаната радио станица во Македонија- Антена 5?

И. Кичеец: Многумина сеуште го паметат УНОФОРТЕ радио, музичко радио кое го основавме ние од МЕЦОФОРТЕ, заедно со тогаш најдоброто радио во Македонија – РАДИО УНО од Скопје, во деведесетите години од минатиот век. Сегашните сопственици на АНТЕНА радио, Зоки Петров и компанија, преку лето водеа одлична музичка емисија во нашето радио и од тука се почна. Со оглед на тоа дека мојот глас се користеше на нашите џинглови и реклами, им се допадна. Потоа пред да го отворат радиото, ме повикаа во Скопје и во студиото на Бодан Арсоски од „Леб и сол“,  снимивме неколку џинглови. Џингловите се покажаа мошне успешни и го издржаа тестот на времето. Некои од нив и денес, после повеќе од дваесет години се вртат на програмата заедно со џингловите со гласот на Тијана Тодевска – сега Дапчевиќ што заедно ги снимавме кај Бодан. И таа е една од оние кои кариерата како радио водител ја почна во УНОФОРТЕ.  

OhridNews: Во моменти на тага или лошо расположение, Ваше омилено место во Охрид кое секогаш успева да ви го подобри расположението?

И. Кичеец: Прошетка покрај езеро, пијалок со поглед на езеро или возење до Трпејца, ме регенерира.

OhridNews: На кое јадење никогаш не можете да му одолеете?

И. Кичеец: Ниедно јадење не е доволно добро ако си сам. Убавото друштво и наједноставните јадења ги прави посебни и слатки.

OhridNews: Лесно поднесувате критика?

И. Кичеец: Со отворен гард. Дури и неоснованата критика придонесува да се приземјиш и да останеш цврсто на двете нозе.

OhridNews: Ваш омилен филм кој сте го гледале и по неколку пати?

И. Кичеец: Филмовите од осумдесеттите. Еден од нив е „Body heat“, еден од првите со кои се прославија  Kathleen Turner и Wiliam Hurt.  Одличен кримич.

OhridNews: Моменти од животот кои никогаш нема да ги заборавите…

И. Кичеец: Многу радосни, но и тажни.  Многу победи, но и порази се составен дел од мојот живот и како такви ги прифаќам. Убавите ги паметам, а тажните не се трудам  да ги заборавам. Доаѓањето на свет на моите деца не се заборава.

OhridNews: Советот што најчесто му го упатувате на некој близок кога се чувствува беспомошно или разочарано?

И. Кичеец: Don’t give up!

Тања Кувенџиска