Охридскиот архитект Ивана Групче веќе неколку години е дел од Центарот за културен проток „АРТерија“, преку чии настани во изминатиот период се промовирани низа уметници не само во Охрид, туку и во регионот. Во нејзиното портфолио се наоѓаат бројни уметнички перфоманси и групни изложби, а од неодамна е соработник во единственото македонско списание за архитектура, градежништво и екологија.
Групче беше дел и од проектот на „Медиа Артес“ кој ги третира ранливите групи во општеството, а сопственик е и на фотографиите „Луѓе времиња и обичаи“, преку кој охриѓани имаа можност да го видат градот низ минатото.
OhridNews: Охриѓани те познаваат како дел од културните збиднувања во градот, со кои АРТерија во изминативе години успеа да промовира плејада родокрајни уметнички творци. Фотографии, мозаици, уметнички перфоманси. Од каде таа љубов кон уметноста и кои се твоите почетоци не само во АРТерија, туку воопшто во овие „води“?
И.Г.: Почетоците се уште од најрани години. Од мала обожавав боици, боенки и големите ролни хартии на татко ми, кој како инженер ги користеше за цртање. Со часови знаев да заглавам цртајќи. Подоцна омилени ми станаа лего коцките, кои ги добив како подарок од Холандија. Од нив правев најразлични куќички и веројатно тие претставуваа некои одредници од детството за мојата професионална определба. Љубовта кон фотографијата ја наследив од татко ми, а љубовта кон пишаниот збор од мајка ми. И покрај тоа, сакав да бидам нешто поразлично, тоа што тие не се, па ја избрав професијата архитект која соединува многу уметности во себе и има многу допирни точки со различни области.
OhridNews: Дали ентузијазмот е она што те поттикнува да твориш, односно да се вклучиш во активносите на АРТерија и покрај професионалните обврски?
И.Г.: Пред сe ентузијазмот и желбата да смениме нешто во градот беше она што нe спои сите во АРТерија. Спој на луѓе со различни уметнички профили, но со слични размислувања и ставови, што всушност нe обединува во група. Иако подоцна се приклучив кон групата, со нив сум од самиот зародиш на идеата, бидејќи се мои добри пријатели и се познаваме оддамна. Концептот на АРТерија е да се раздвижи градот во еден поширок контекст како што тоа го прави една артерија во човечкиот организам, да даде живот, енергија и младешки дух, да се дружиме, да разменуваме креативни идеи и нови познанства, да подржиме млади и талентирани уметници, едноставно да го креираме животот на младите луѓе на поинаков начин, низ разни уметнички активности. Тоа му требаше на градот тогаш, но уште повеќе сега кога градот делува празно и летаргично, напуштен од уште поголем број млади луѓе. Го сакам својот град и сакам на некој начин да му помогнам во неговото оформување во еден здрав и современ урбан организам.
OhridNews: Сопственик си на фотографиите „Луѓе времиња и обичаи“ со кои пред речиси три години на охридската јавност им го долови градот низ минатото. Од каде идеата за една таква изложба и колку често „другаруваш“ со фотоапаратот?
И.Г.: Да, тоа се фотографии –наследство од мојот дедо, заболекарот Иван Групче кои ги имаме во голем број, благодарение на неговиот најдобар пријател Коста Б’нде кој бил фотограф и имал свое фотографско студио.Тие стари фотографии во црно-бела техника носат премногу магија во нив и затоа честопати им се навраќам на старите албуми, љубопитна за некогашниот живот во нашиот град. Идејата да ги претставам пред пошироката јавност се појави кога со АРТерија ја организиравме изложбата посветена на Денот на ослободувањето на Охрид, 7-ми ноември 2011 год. Сметав дека му го должам тоа на градот, особено кога станува збор за обележување на тој важен ден. Решив скенирани да ги спојам во една презентација и во различни теми кои опфаќаа видни личности од Охрид со нивните занаети, традиции, обичаи. Едноставно да доловам една поинаква димензија како дишел градот во годините наназад. За тоа ми помогна и етнологот Оливера Мишева, со фотографии од нејзината фамилијарна колекција за што многу сум ѝ благодарна.Тоа беше еден потсетник за постарите генерации, но и пример за младите дека Охрид секогаш живеел и имал своја традиција како град и дека заслужува да ја негуваме и сега, нормално во склоп на едни модерни рамки и да му го вратиме тој жар на градот. Мислам дека луѓето во денешно време се премногу оттуѓени и дека им фали таа спонтаност и дружењето од тие стари времиња.Секако фотографијата е моја наголема пасија а фотоапаратот е мој придружник секаде.
OhridNews: Зад твоето портфоилио се наоѓа и проект кој е директно поврзан со „МедиаАртес“, а спроведен преку НВО „Опција Охрид“. Воглавно се споменува работа со одредени маргинализирани групи во општеството. Какво е чувството да се работи со оваа категорија граѓани и колку истите покажуваат креативност и интерес кон уметноста? Дали активностите целат кон нивна ресоцијализација и интеграција во секојдневието?
И.Г.: Да, на покана на Медиа артес, јас и Зорица Азеска Спасеска, како претставници на АРТерија учествувавме во еден проект кој ги третира ранливите групи во општеството односно „Употреба на уметноста каде што е тешко да се зборува”. Ние работевме со маргинализирана група на НВО Опција Охрид, претходно добивајќи соодветен тренинг од познати уметници од Шведска кои имаат искуство од овие области. Искуството беше огромно, а уште поголем предизвикот преку примена на уметност да се прочепка подлабоко во душата на овие ранливи категории и да се извлече уметничкото и убавото од нив. Не постои човек кој не е креативен, само треба да се разбуди тоа. Јас го избрав мозаикот како техника за моите локални пилот активности, бидејќи сметав дека е необична, колоритна и интересна за работа и дека учесниците лесно ќе се изразат комбинирајќи бои и различни типови на плочки и камчиња. При тоа, како што спомнав, за изработка користевме камчиња кои претходно ги исцртуваа, пишуваа пораки на нив, а потоа заедно со стаклени камчиња и кршени парчиња разнобојни плочки создаваа своја приказна на надворешниот ѕид каде се работеше. Секој учесник требаше да избере исцртана контура и да изработи свој мозаик. Активностите вродија добар плод иако временскиот период беше краток. Можеше да се забележи дека учесниците станаа повеќе свесни за своите вредности кои не знаеја дека ги поседуваат, стекнаа повеќе самодоверба и изработија свои шари на ѕидот, што значи ја разбудија својата имагинација и креативност. Се надевам дека преку овие уметнички процеси, ќе се ресоцијализираат и интегрираат повеќе во општеството, можеби пронаоѓајќи го својот вистински пат и цел во животот. Но, јас би била среќна доколку на миг им помогнавме да го обоиме нивното секојдневието со ведрина и оптимизам, бидејќи имаат навистина тежок живот, социјални и егзистенцијални проблеми, насилство, осуди…
OhridNews: Колку често го користиш знаењето од професијата архитект во обврските кон АРТерија и обратно? Што е она заедничкото кое на еден начин ги спојува архитектурата и уметничките перфоманси?
И.Г.: Архитектурата сама по себе е уметност. Таа претставува еден нераскинлив спој на наука, техника и уметност. Затоа, не може да се гледа одвоено. Посетата на изложба, концерт, прочитана книга, филм, само го надоградува секој професионалец за скалило повисоко. Мојот почитуван професор по уметност –академскиот сликар проф.д-р Владимир Георгиевски не учеше да ја сакаме уметноста и да ја применуваме. Да ја гледаме и пронаоѓаме во секое наше дело, без разлика дали станува збор за скица, модел, просторен објект, зграда. Тие негови лекции никогаш не ги заборавив и се надевам дека во мојата работа ќе ги оправдам. АРТерија е интересен собир на млади луѓе со различни уметнички профили, кои меѓусебно се надополнуваат. Секој индиректно врши влијание со својата професионална определба, искуство, знаење и идеи. Па, така и јас. Релацијата на поврзување и искуствени размени е заемна. Дел од мене оставам во АРТерија но и АРТерија остава дел во мене.
OhridNews: Како дипломиран архитект, колку често наоѓаш слободно време вон професионалните обврски?
И.Г.: Ангажирана сум на повеќе професионални планови и некогаш тоа бара огромна жртва за исполнување на сите обврски, но и голема одговорност бидејќи сум перфекционист. Најмногу страда слободното време, но наградата е огромна кога ќе се почувствува исполнетост и лична сатисфакција после успешно завршените задачи. Доколку се сака работата тогаш не постои тежина, а најважно е да се воспостави една рамнотежа во животот.
OhridNews: Порака до „оРиѓани“!
И.Г.: Ние сме градот! Ние го обликуваме преку архитектурата, уметноста и културата а потоа тој не обликува нас. Да дадеме максимум од себе и да го направиме прекрасно место за живеење.
О.Т.
















