Успешни и реализирани во професионалниот и приватниот живот голем број охриѓани оставаат силен белег во заедницата, во своето работење и општествено делување. Преку серијалот интервјуа, OhridNews ви открива како тие го минуваат своето слободно време, која е нивната омилена музика, колку наоѓаат време за семејството, пријателите…

Драган Спасески Охридски, доктор специјалист по ортопедија, уметник чии дела повеќе од 25 години ги воодушевуваат љубителите на уметноста во земјава и странство, поет, кој истовремено се занимава со дизајн, компјутерска уметничка графика, уредување на ентериери…открива како се релаксира после работниот ден, зборува за своите идни планови, за она што му недостига на Охрид…

OhridNews: Дали сте ранобудник, кога го пиете своето прво утринско кафе?

Д. С. О. : „ Утрата се пријателки на зорите“- вели една поговорка. Некому пилето, некому музите му пеат наутро. Го откопчувам денот пресреќен што повторно ќе го пречекам сонцето со убави мисли, креативни, необременети од ниеден физички контакт со надворешниот свет. Читам, пишувам, сликам во зависност од инспирацијата и поривот за создавање…Кога одам на исполнување на моите секојдневни работни обврски во болницата „ Св. Еразмо“, креативниот дел од денот за мене веќе е завршен. Потем, почнува борбата со егзистенцијалниот страв.Со сите Сцили и Харибди што морам да ги совладувам (да не речам глупостите што морам да ги слушам и трпам на утринските состаноци…) Потоа следи утринското кафе со мојот драг колега Др. Љубомир Богоевски. Има тука интересен момент кога се зборува за утринското кафе. После околу 30 години работа во болницата „ Св. Еразмо“ на многу случаи конзервативно и оперативно, доживеав пред неколку месеци да ни забранат да пиеме кафе, само на неколку колеги, а истото го направија и во паузите помеѓу операциите ( ова важи за сите што работат во операционата сала) со образложение дека сме трошеле 100 кг. кафе во текот на месецот… Мојот коментар беше „ Ни сваривте кафе со тоа што забранивте да ни варат кафе“. Сега пиеме кафе од тоа што ни го сварија. Така да, секако пиеме кафе.

OhridNews: Омилен начин да се релаксирате после работните обврски….

Д. С. О. : Најомилен начин да се одморам ми е читањето книги и гледање и проучување на слики од монографии. Имам голема библиотека и се радувам кога наоѓам време за читање. Тоа најмногу ме релаксира. Понекогаш и работата на компјутер ме одмара, поради бегството во сајбер простор- времето… надвор од сите реални проблеми, но подолгото работење  на компјутерот од друга страна исто така заморува и особено е опасно за очите и вратниот дел на рбетот.


Со академик Цветан Грозданов на отворањето на изложбата по повод 25 години творештво

OhridNews: По професија лекар, но уметноста и пишаниот збор се дел од Вашиот живот повеќе од 25 години. Што беше пресудно за да ги направите првите чекори?

Д. С. О. :  Да ги направам првите чекори во животот ми беше потребна снага да ја совладам гравитацијата и да се исправам. Потоа кога го видов светот од друга страна, да не речам од повисоко, сватив зошто човекот го напуштил одењето на четири нозе… За жал, многу луѓе се исправиле, но не се очовечиле и понатаму го живеат животот како рептили… Значи потребата да се живее  исправен, да не се ползи и да се живее за да се создава многу рано ми дошла како сознание… уште од создавањето на вселената!!! Или можеш  да ги резонираш и демодулираш вселенските вибрации во креација или си безначаен камен кој плива низ водите на животот и ништо не допира во твојата внатрешност. Ни љубов, ни вера, ни надеж. Но, затоа имаш форма на совршена скулптура и позиција на владетел. Некогаш владееш со бубрегот како камен во бубрег, некогаш со жолчката, некогаш ќе паднеш од срцето и ќе му олесни на народот.. но, за навек остануваш барут – сув во срцето за било кое искрено чувство…

На првиот училишен час по ликовно, кај мојата прва учителка исклучителната Ѓоргина, почнав да цртам нешто што не го разбирав и мислев дека тоа што сакав да го нацртам не е уметност, а таа ме храбреше со ообразложение дека цел 20-ти век изобилува со уметност што и самите уметници не ја рабираат и дека тие шарени лаги луѓето почнаа да ги прифаќаат како вистина и дека она што го цртам има повозвишена смисла… Тогаш сфатив дека и слепиот пат си има свој поглед на свет и продолжив да ги откривам тајните на природата во своите слики.  Понекогаш кога ги бришам четките по завршеното сликање, од некое бело платно што не ми треба, после бришењето заличува на сликање, нешто апстрактно, нешто неразбирливо, нафрлени бои што ми експандирале од тубите. Тогаш се присетувам на мојата учителка за возвишената смисла на сликите што значат нешто, затоа што не значат ништо. Како и онаа позната византиска антиномија „ Бог постои поради тоа што не постои“… Затоа, тие платна ги оставам да си живеат свој живот… можеби некогаш ќе постанат вистина???


Во галеријата „ Резонанса“ при промоцијата на монографијата „ Охридска Мадона“

OhridNews: Колку често патувате со семејството? Кои патувања би ги издвоиле и зошто?

Д. С. О. : Сум патувал да ги видам делата на сликарите кои ме инспирирале. Не постои уметник кој го ценам, а да не сум видел негова слика во некој музеј. Сум ги посетил скоро сите значајни музеи во Европа, а дел и во САД. За мене е поважно кога сликам  да патувам низ многу непознати предели што сум ги сонувал или измислувал. Така ги надополнувам  моите патувања и фамилијарни зимски и летни одмори. Кога сум се враќал во Македонија секогаш ми се повторувала сликата на веќе виденото. Филмската лента со забавено движење каде сите секвенци ги знаеш, само што се повторуваат се поспоро и поспоро. Еден истакнат македонски сликар и историчар на уметност, кој сега живее во Берлин, мој пријател Јован Балов вели- „ Во  Македонија сите чекате да умрете“… И навистина болно е сознанието кога во животот се нема мотив за нормално живеење и се очекува смртта како нешто совршено што ќе ја преобрази смислата на животот.  


На отворање на изложбата на Спасески- Охридски во Берлин во 2008 година

OhridNews: Има ли нешто кое од секогаш сте сакале да го направите, но досега не сте имале можност?

Д. С. О. : Имам многу неостварени сништа. Многу од нив се однесуваат на Охрид. Пример, да се направи Охридска академија само од охриѓани. Охрид тоа реално го може заради бројот на научни кадри што се расеани секаде низ светот, а потекнуваат од Охрид. Реално е потребно што побрзо тоа да се направи, затоа што треба да се изготви програма за сочувување и развој на Охрид и Охридското Езеро со сите културно- историски движни и недвижни споменици на културата.

Охрид треба да доделува Златен Орден на заслужни луѓе кои придонеле за развој на Охрид. Во Лајонс Клуб Охрид каде и јас членувам, донесовме одлука за слична таква награда – Горна Порта. Градот  Охрид доделува Климентова награда. Но, ова треба да биде нешто многу повисоко и необременето со влијанија во исправното донесување на одлуките. Така ќе се слави и развива Охрид. Охрид има многу уметнички дела, а нема простор каде тие да се изложат. Жителите и посетителите на Охрид немаат можност да видат колку значајно ликовно културно наследство има Охрид. Тоа би било репрезентативно место како Галеријата на Икони и постепено би прераснало во музеј.

Имам една идеја и тоа би било многу интересно. Да се направи Музеј на каменот. Знаете секој камен е скулптура. Нема два исти камења. Охрид изобилува со камења и тоа би било многу интересно, затоа што има многу можности таа идеја  да се развива. Има многу работи што би требало да се направат, но нешто што не би требало да направиме е- да не му го одземаме во целост просторот на идните генерации за градење и живеење.

OhridNews: Дали понекогаш се случува да подготвите некое јадење за семејството или пријателите?

Д. С. О. : Кој што размислува креативно, тоа гледа насекаде да го инкорпорира во животот. Со ликовната уметност тоа најдобро сум го сватил- или креираш или имитираш. Јас сум горд на тоа што постојано некој ме имитира, особено во уметноста. Тоа значи сум понапред од тие што ме имитираат. За моја среќа или нивна несреќа секој што нема снага за создавање може да ги повторува моите креации, никогаш нема да им замерам. Тоа за мене е лакмус на мојот успех. Интересно е едно мое сознание дека  готвењето не може да се имитира. Може целосно да го приготвиш истиот рецепт што некој ти го препорачал, но сигурно јадењето нема да има еднаков вкус. Дури и врвен кувар  никогаш не може да направи две исти јадења, туку ќе направи слични. Јас  се обидувам да ја инкорпорирам својата креативна енергија и во тој сегмент и тоа го правам доста успешно. Знаете, има универзални  вистини кои треба да се почитуваат и применуваат ( пр. пропорциите на деловите во однос на целината и во однос на самите себе, пресекот ФИ итн. Но, за тоа во друга прилика). Значи, мешањето на боите и нивното компонирање е некој вид приготвување, како мешањето на вкусовите и добивање нови вкусови. Креацијата не може да се научи. Тоа е Божја работа !

OhridNews: На што сте особено горди од досега постигнатото?

Д. С. О. : Скромноста е најсигурниот начин да се сокрие гордоста. Ќе бидам скромен и се надевам нема да ми замерите што нема да кажам на што се сум горд.


Со пријателите на промоцијата на монографијата „ Охридска Мадона“

OhridNews: Места во Охрид кои секогаш можат да ви ги „ наполнат батериите“?

Д. С. О. : Не работам на батерии, тоа би значело работа на одредено време. Ме интересира вонвременото и бесконечното. Тоа е Охрид насекаде, а најповеќе во неговите води.

OhridNews: Изгледана претстава или концерт во земјава или странство која Ви оставила посебен впечаток?

Д. С. О. : Ги има многу…

OhridNews: Омилена музика со која се релаксирате?

Д. С. О. : Секоја музика што буди емоции ми дава поинаква смисла на постоењето и творењето.

OhridNews: Светски уметник, чии слики будат посебни емоции кај Вас?

Д. С. О. : Од секого може да се научи по нешто. Не би издвојувал никого.

OhridNews: Омилен писател чии книги секогаш со задоволство ги читате и препрочитувате?

Д. С. О. : Секој ден читам нешто ново и препрочитувам, подвлекувам, учам …можеби Енциклопедијата на афоризми.

OhridNews: На кого или на што се потпирате во тешките моменти од Вашиот живот?

Д. С. О. : Секогаш сум се потпирал на сопствените сили. Моето животно мото е „ Прави што правиш. Не почнувај да работиш со друг ако не можеш сам нештото да го сработиш“. Има многу тешки моменти, особено кога сум во операциона сала и оперирам, тогаш сигурно неопходна ми е помошта од моите колеги Др. Љубомир Богоевски и Др. Сашо Недески за успешно завршување на операцијата. За разлика од хирургијата, каде многу луѓе организираат и изведуваат една операција, уметноста е индивидуална работа и тука се зависи од самиот сликар. Патот до пеколот е поплочен со желби. Секој човек мора да воспостави рамнотежа помеѓу она што сака и она што може. Затоа што на првото искушение може длабоко да се разочара од сопствените можности, нереално сватени. За жал, искуството е знаење што човек го стекнува кога веќе не му треба.


Синот Лео- инспирација при создавањето на бројни уметнички дела на Спасески- Охридски

OhridNews: Планови за наредниот период…

Д. С. О. : Имам многу планови и од мене како уметник постојано се очекуваат креации, а како доктор постојано да лекувам. И оваа година на Свети Климент ќе отворам изложба и ќе промовирам книга. Повеќе од 10 години работам на скулптурелно обликување на еден простор во населбата Елешец, сопственост на истакнатиот Проф. Д-р Стефан Буџакоски. Тоа ќе биде навистина нешто необично за овие простори. Се надевам дека оваа година конечно ќе се заврши овој огромен проект.

Т. Кувенџиска