Успешни и реализирани во професионалниот и приватниот живот голем број охриѓани оставаат силен белег во заедницата, во своето работење и општествено делување. Преку серијалот интервјуа, OhridNews ви открива како тие го минуваат своето слободно време, која е нивната омилена музика, колку наоѓаат време за семејството, пријателите…

Емилија Маринова, професор по пијано, која имала можност да го стекне образованието на најпознатите образовни институции во Европа, актуелен директор на охридското основно музичко училиште „Методи Патче“, организатор на музичкиот фестивал „Охрид те сакам“, зборува за своите почетоци и љубовта кон музиката, која е нејзината омилена странска земја, како го минува времето со пријателите…   

OhridNews: Омилено годишно време?

Е. М.: Не би можела да издвојам едно, затоа што уживам во секое годишно време, а и професионалните ангажмани ми се некако така поделени- во секое годишно време имам одредена активност.

Во пролетта започнува новиот природен циклус, природата изгледа прекрасно, расцветано и секој ден го користам за долги прошетки. Исто така, на пролет се подготвуваме со учениците за натпревари, така да април и мај ни се исполнети со патувања и настапи на различни дестинации, во зависност од тоа кој натпревар сме го одбрале.

Летото го поминувам во Италија. Тогаш ги реализирам најголемиот број солистички концерти на неколку фестивали. Посебно ми е драго што во последниве три години на фестивалот во Рим „Il Tempietto“, во соработка со фестивалот кој го организирам, „Охрид те сакам”, зедоа учество најистакнатите ученици од нашето музичко училиште „Методи Патче“. Сепак си оставам и неколку денови за да уживам во убавините на нашиот град.

Во есен звукот на лисјата под нозете и жолто златните лисја наоколу ми даваат смирувачко чувство во душата и дневна инспирација. Нема поубава прошетка од онаа во есенските денови. На училиште со учениците почнуваме да се подготвуваме за сите концерти што што ни претстојат во наредните месеци, а исто така од септември течат подготовките за меѓународниот натпревар за класична музика „Охрид те сакам”, што го организирам во ноември, а на кој учество земаат повеќе од 150 ученици од Македонија, Албанија, Србија, Хрватска, Бугарија, Италија и многу други.

Зимата исто така ми поминува работно со концерти: новогодишниот концерт со учениците од ОМУ „Методи Патче” и  новогодишниот концерт со групата со која настапувам, SmileDance Love Project, оваа година насловен „Зимска бајка“, на кој изведувавме дел од нашите најпознати македонски шлагери.


Пред Новогодишниот концерт „Зимска бајка“

OhridNews: Како најчесто го користите слободното време?

Е. М.: Слободното време го користам за дружба со мојата фамилија и пријателите. Исто така, голем дел од моето слободно време поминувам во проби и дружeња со членовите на мојата група, Филип Стојковски–Зизи и Горан Папаз, во кои бескрајно уживам, иако понекогаш знаат да траат со часови, но на крај кога ќе го постигнеме она што сме го зацртале, чувството е прекрасно. Во викендите активно настапуваме во Охрид, Струга и Битола. Моите ретко слободни викенди ги користам за патување и откривање нови места.

OhridNews: Дипломиран сте професор по пијано кој сега своето искуство секојдневно им го пренесува на учениците. Дали се сеќавате на своите први доаѓања во основното музичко училиште?

Е. М.: Првото доаѓање во музичкото училиште ми беше кога ја носевме мојата сестра Марија, која е една година постара од мене, на приемен испит.Таа се запиша на пијано и мислам дека со тоа го одреди и мојот инструмент, бидејќи пијаното беше во нашиот дом, ја слушав цела година како свири и сакав и јас да свирам како неа. Бев пресреќна кога следната година се запишав и јас во музичкото училиште, на пијано, во класата на проф. Рубенс Наумовски на кој му сум бескрајно благодарна за својата посветеност и професионалност, бидејќи моите родители и професорот кој ми ја даде основата и ме воведе во светот на музиката, се најзаслужни за тоа што сум јас денес.


Со внуците Јаков и Матеј кои свират од најмала возраст

OhridNews: Дали понекогаш Ви доаѓаше мислата дека и вие еден ден ќе бидете на местото на вашиот професор по пијано?

Е. М.: Заминав од Охрид на 14 години, бидејќи тука нема средно музичко, а желбата да продолжам беше голема. Се запишав во Скопје во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на проф. Кристина Крагуевска и Марјана Јованчева. Потоа се запишав на факултет во Скопје во класата на проф. Стела Слејанска, во чија класа дипломирав, а подоцна и магистрирав. Морам да кажам дека имав огромна среќа да паднам во рацете на овие професори кои несебично се вложуваа во мене и ми го пренесуваа своето знаење. Потоа заминав за Рим и се запишав на најпознатиот конзерваториум Санта Чечилиа, во класата на проф. Франческо Мартучи, но потоа патот ме однесе во Торонто- Канада, каде живеев и работев како професор по пијано во Oakvil music conservatory. Не мислев дека патот ќе ме врати во Охрид, а да биде уште поинтересно, кога се вработив во музичкото училиште го добив кабинетот на мојот професор кој во тоа време, додека ми предаваше, беше и директор на музичкото училиште, а еве од септември и јас сум директор на ОМУ „Методи Патче“.

OhridNews: Со каква музика се релаксирате во слободното време?

Е. М.: Честопати луѓето ми го поставуваат ова прашање и некако очекуваат дека ќе кажам дека слушам само класична музика, но не е така. Музиката ја одбирам во зависност од расположението, слушам секаква квалитетна музика, освен турбо фолк. Мислам дека огромно влијание има тоа во каква средина растиме и со каква музика сме пораснале. Во мојот дом се слушаше многу македонска забавна музика, народна онаа на повеќето од нас добро позната во изведба на прекрасните вокали од тоа време, но секако и странска- Том Џонс, Реј Чарлс, АББА, Луис Армстронг, Ета Џејмс, Френк Синатра и многу други.

OhridNews: Концерт на кој сте присуствувале во публика кој уште долго ќе го паметите?

Е. М.: Има повеќе, но би ги издвоила концертот во Скопје на Израелската фихармонија, под диригентската палка на Зубин Мехта, концертот во Охрид на пијанистот Мишел Камило и концертот на пијанистот Иво Погорелиќ.

OhridNews: Го зборувате италијанскиот јазик, одржувате концерти во Италија, поврзаноста со оваа земја продолжува и понатаму…

Е. М.: Кога по дипломирањето се запишав на конзерваториумот во Рим и одредено време живеев таму, го совладав и италијанскиот јазик. Од тогаш започнаа и продолжија соработките со многу професори, музичари и фестивали од оваа земја.


Во Фиренца

OhridNews: Посетени дестинации кои со задоволство повторно би ги посетиле?

Е. М.: Сум имала прилика да посетам многу држави, но најмногу ја сакам Италија. Во Рим одам неколку пати годишно, но секогаш ми е интересно и откривам ново место кое не сум го видела до тогаш. Кога имам повеќе време одам со автомобил, затоа што така можам да посетам повеќе места. Најомилено ми е Позитано кое не пропуштам да го посетам кога и да имам прилика. Маѓично место, тешко се опишува со зборови, треба само да се доживее.

OhridNews: Омилени јадења? Дали готвењето за вас претставува обврска или задоволство?

Е. М.: Кога сме кај јадењата долг ќе биде списокот ако треба да набројувам, бидејќи сум гурман, па би кажала само дека ја сакам македонската кујна, особено специјалитетите на мојата баба и мајка и секако- италијанската кујна.

OhridNews: Како минуваат вашите дружења со пријателите?

Е. М.: Најчесто, ако е убаво времето, најомилена дестинација ни е Љубаништа каде што го поминуваме денот со скара, гитара и добра музика

OhridNews: Вашата фамилија е позната по изработувањето на накит. Дали и вие сте дел од оваа  семејна традиција?  

Е. М.: Да, мојата фамилија е позната по рачната изработка на уникатен накит и бакарни производи и се бави со овој занает повеќе од еден век. Семејниот бизнис, кој се наоѓа во срцето на Охрид, е формиран во 1913 година. Моментално го води мојот татко Славе, заедно со сестра ми Марија и брат ми Иван, кои се веќе четврта генерација во занаетот.

Дали сум дел од занаетот, мислам дека може сами да заклучите од сликата на која имам една и пол година и сум со вистински чекан во рака. Не играв јас со чеканчиња од Chicco, од мали нозе си ја сфаќав сериозно работата. За жал, не го научив занаетот, но накитот е составен дел од моето секојдневие, не може сите да произведуваме, некој треба и да го носи.

Т. Кувенџиска