Успешни и реализирани во професионалниот и приватниот живот голем број охриѓани оставаат силен белег во заедницата, во своето работење и општествено делување. Преку серијалот интервјуа, OhridNews ви открива како тие го минуваат своето слободно време, која е нивната омилена музика, колку наоѓаат време за семејството, пријателите…

Нина Кепеска, повеќе од една деценија препознатлив глас и лик од малите екрани како дописник на националната телевизија А1 и на Радио Слободна Европа, од 2012 одговорна за Односи со јавност во познатата компанија Адора Инженеринг во Скопје, позната по својата комуникативност, отвореност, љубов кон семејството и пријателите, кон професијата, љубов кон убавото, раскажува за своите интересни случувања поврзани со новинарската професија, дружењата со пријателите, патувањата, омилените места во родниот град…  

OhridNews: Кој дел од денот најмногу го сакаш?

Н.К.: Најмногу ги сакам утрата кога едноставно ќе се разбудам расположена и насмеана, без некоја посебна причина и повод. Кога денот неочекувано ми почнува преплавена со пријатно чувство и весело срце, што ме крева од постела со оптимизам и шири убава енергија, на што не се имуни ни другите и ме штити од негативните вибрации. Ги сакам часовите кога многу порано од изгрејсонцето успевам со елан да завршам доста работи, инспирирано пишувајќи или средувајќи низ домот. Го обожувам и попладнето кога по добро завршените обврски се посветувам на себеси и најблиските, долго уживајќи во ритуалот на добра храна, вино и вкусните десерти, со добра музика и убава книга. Уживам и во вечерните излегувања, особено на места со тематски концепт, каде се забавувам и збогатувам со нови вредности. Знам да се разбудам по полноќ и во време кога сите спијат со ќејф да ги правам најнеобичните работи за тоа “глуво  доба“. Кај мене нема зацементирани правила, знам да уживам во секој миг од деноноќието на посебен начин, во мој стил. Тешките деновите знам да ги преспијам и да оставам да поминат. Веројатно искуството и зрелоста си ја носат умешноста да се ужива во секое време, свесни дека сè проаѓа и доаѓа ново.


На Скијатос

OhridNews: Што те релаксира после напорниот работен ден?

Н.К.: Долгите пешачења надвор, најмногу покрај Охридското Езеро, со сино-зелен хоризонт  или во Градскиот парк во Скопје, лутањата низ урбаните улици и квартови. Многу ме релаксира и исполнува кога после работа долго си готвам со мерак за своја душа и уживам во топлиот домашен амбиент, сама или во избрано друштво. После работа обично излегувам кај блиски роднини и пријатели, на краток шопинг, ручек или кафе, со пријатен поглед и долги релаксирачки муабети, без обврски и политика, на теми кои не збогатуваат, едуцираат, исполнуваат, не оплеменуваат или низ смеа не ослободуваат од внатрешните тензии. Сепак, најидеална релаксација за мене е долгото пливање, посебно во природни води, а може и во базен. Моите блиски знаат дека пливам маратонски, со часови, во екстремно голема длабочина, најчесто сама, без никаков страв, во езеро, море и во океан. Во вода сум најсвоја, нај Нина, со чувство на безгранична слобода. Како извор на животна енергија, водата ми ги мие телото и душата, ме заплиснува со чистота, ми дава моќ и задоволство од самодокажувањето дека можам да освојам и препливам големи водени пространства.

OhridNews: Долги години помина во новинарските води. Ти недостига ли адреналинот што го носи оваа професија?

Н.К.: Мојата прва професионална љубов е новинарството. Од 1993 до 2002 работев како новинар  во Радио Охрид, дописник за А1 ТВ од Охрид и Струга бев преку една деценија, од првиот до последниот сигнал на телевизијата во овој регион, 10 години бев дописник на Радио Слободна Европа од Охрид, а хонорарно работев и за други медиуми. На јавноста и е позната мојата ангажираност, присутност и влијателност  во медиумскиот простор, се уште ми се јавуваат граѓани да снимам прилози за нивните проблеми и ми го препознаваат гласот, иако веќе не сум активна во дневното новинарство. Во 2006-та во Рогашка Слатина, Словенија, се запознав со ПР-от, на првата меѓународна конференција од оваа област во Југоисточна Европа, каде во 2007-ма во Охрид бев единствен предавач од Македонија. Усовршувајќи се на последипломски студии за односите со јавноста и маркетингот, со дипломата од економски факултет и медиумското искуство, имав резервна “Б“ варијанта по А1, кога добив понуда за работа во Адора инженеринг за односи со јавноста. Како новинарка работев во “златното доба на медиумите во Македонија“, по 18 години започнав нов работен циклус, обоен со мојот темперамент и динамика каде работата мора да се заврши веднаш и одлично и адреналин воопшто не ми недостасува.


На работен ангажман како ПР во Адора Инженеринг

OhridNews: Интересни случки поврзани со новинарството кои никогаш нема да ги заборавиш?

Н.К.: Случка што уште долго ќе ја паметам е кога во 2005-тата на студискиот престој во САД, на вториот ден во Вашингтон, откако го пропуштив организираниот превоз, со огромна упорност , без документи и контакти од организаторите, го најдов патот, поминав неколку строги контроли и сама влегов во Пентагон. Кога кај портпаролот на најголемиот воен центар во светот ме пречекаа вчудовидените погледи на колегите од 35 држави, толку ми порасна самодовербата, што мислев дека сè на светот можам да направам со силна волја. Тогаш, во пет недели имав над 20 авио летови на долги дестинации во Европа и САД, каде како гости на Стејт Департментот, новинарите не третираа како богови. Во 2010-та во само четири месеци, два пати бев во Австралија, што е реткост и чест да се информира за значајни настани и успешни личности од македонската дијаспора, а сум и првата Македонка што како новинарка седна на столицата на кралицата на Комонвелтот во Парламентот на Нов Јужен Велс во Сиднеј. Ги помнам бркањата автобуси и застанувањето возила на патот за Скопје, по кои ги праќавме видео лентите кога немаше интернет и прилозите кои  по мои телефонски насоки ги монтираа, а јас прв пат си ги гледав на вести. Незаборавни се интервјуата со режисерот Клод Лелуш и шансониерот Шарл Азнавур и решените човечки проблеми, спасените животи и вдомените семејства, што беше моја секојдневна работа.


Со колеги на меѓународен студиски престој во САД


Во кралската столица на Комонвелтот во Парламентот на Нов Јужен Велс во Сиднеј


Со новинарите од Охрид на дружба со екс амбасадорот на ЕУ во РМ Ерван Фуере

OhridNews: Најтежок и најубав период во твојот живот…

Н.К.: Во минатото мислев дека најтешки и најболни се интимните премрежија, поврзани со чувства, повреди, љубов. Потоа сфатив дека од тоа многу потешко е кога невин ќе те стават под заедничка капа на осуда и неправедност. Но, најубаво од сè било кога ќе најдеш сила и мотив и од битката што не си ја започнал, ќе излезеш како победник и ќе си докажеш себеси и на другите, дека сепак  доброто го победува злото со љубов, простување, посветена работа и квалитет, без откажување. Тоа е многу корисно како во приватниот така и во професионалниот живот, секогаш и секаде. Кога ќе научиш среќата да ја наоѓаш во себеси, а не да ја бараш од другите, тогаш го имаш најсилното оружје во животот, а тоа за мене е „независната среќа“. Може ли некој да остане рамнодушен на таа самораѓачка љубов и неуништлива енергија која го движи универзумот? Мене секој период во животот ми е убав, секое доба си носи свои предности и тешкотии, а ние треба да умееме да се носиме со тоа и во сè да ја наоѓаме ведрата страна, да го сватиме животот како вечна школа и постојана борба. Натпреварот е секој ден и секој миг, и во тоа е убавината на животот.


На прослава на роденден со пријателите во Скопје


Со семејството за 55 години брак на родителите

OhridNews: Од 2012 година твоето работно место е во Скопје. Тешко беше да ги спакуваш куферите и да се иселиш од Охрид?

Н.К.: Не, воопшто. Јас сум човек кој не е цврсто врзан за еден простор, отсекогаш сум многу подвижна и прилагодлива, лесно тргнувам на крајот од светот, решителна сум и подготвена да се соочам со нови  предизвици. За мене еден човек е онолку богат колку што има „свои куќи во светот“, така што јас имам една во Женева, друга во Мелбурн, трета во Њујорк, четврта во Стокхолм..  Луѓето го прават домот, не ѕидовите, домот е во нашите срца. Во најтешкиот период од мојот живот, не се откажав од играта, со или без надомест, бев активна во новинарскиот свет. Работната кондиција и искуството ми донесоа одлучност веднаш да ја прифатам поканата од Адора инженеринг и на крајот од 2011-тата со работната позиција „Односи со јавноста“, свртив нова страница  во животот и се преселив во Скопје.  Продолжив да го градам секојдневието самостојно и независно, во градот каде студирав и имам доста блиски луѓе. На работа имам огромно поле за истражување, усовршување и докажување, а метрополата нуди доста можности за квалитетно исполнување на слободното време и за среќавање нови интересни личности кои ми го збогатија животот. Охрид е само два часа возење од Скопје и често викендите ги минувам во мојот град, каде го надополнувам тоа што ми недостасува, топлината на семејството и прекрасната природа.


Со другарката Ѓулче кај елката на Рокфелер во Њујорк


На езерото Леман во Швајцарија


На Шанзелизе во Париз

OhridNews: Кои патувања и посетени земји ти оставиле најголем впечаток?

Н.К.: Париз со неговиот шарм и класика е градот кон кој и поради франкофонијата, јазикот и културата пренесени од мојата мајка, имам најголема слабост. Њујорк како центар на светот, трендовски, но  и романтичен, е градот во кој веднаш би се преселила. Египет со Црвеното море и колоритниот подводен свет, Долината на кралевите и Карнак, најголемиот музеј на отворено во светот, се стара цивилизациска ризница што ме врати милениуми назад. Австралија ме стави во една друга димензија, каде сè зрачи поинаку, таму гледав парада на најмалите пингвини на јужната хемисфера, Мелбурн ме освои со стариот Викторијански стил, а Сиднеј со модернизмот, живописните заливи и плажи. Швајцарските езера и Алпите се како од најубавите приказни, зелено-сината слободоумна Шведска ми ги отвори погледите за разбирање на различностите и страста за пловењето. Америка внатре е со поголеми различности отколку кога се споредува со Европа, Областа Алзас во северна Франција ги има најпиторесктните селца и винарии за сладокусците за кои тенка е линијата меѓу виното и коњакот, Корчула на Марко Поло е неодолив бисер на Јадранот, Дубровник, вистински симбол на самостојноста и окованата убавината, историја и култура, со неодминливиот поглед од Бужа, а многубројните острови во Грција расфрлани на неколку мориња, ги нудат најнезаборавните летни одмори..


Со внуката Јована во Дубровник


Кај пирамидите во Египет


Во Сиднеј


На дочек на Нова Година на Тајм Сквер

OhridNews: Концерт или претстава која уште долго ќе ја паметиш?

Н.К.: Новата 2014-та година ја дочекав на Тајм Сквер во Њујорк, на само неколку метри од топката што се спушташе кога стрелките на часовникот ги одбројуваа последните секунди од старата година и заедно со милиони луѓе игравме на звуците на легендарната Њујорк, Њујорк. Магијата на Њујорк влезе во моето срце кога се најдов во малубројната публика на мјузиклот посветен на Џенис Џоплин,  со впечатливата енергична изведба на бело-црниот пеачко-танцувачки ансамбл, на што страсно се забавуваа луѓе од 18 до 88 години. Тогаш сфатив зошто велат ако сакаш да го доживееш вистинскиот дух на Њујорк, мораш да посетиш претстава на Бродвеј. Нема да ја заборавам претставата  „Светла и звуци“ што ја доживеав кај пирамидите во Гиза со поглед на големата Сфинга и месечината над Сахара, како и рок-блуз концертот во тревниот амфитеатар во Вирџинија, каде во американско лежерен стил, публиката се забавуваше на земја со пикник, со шампањско на лежалки и разиграна на нозе. Во срцето на Европската културна лулка Прага, во мал Куклен театар ја гледав претставата Дон Џовани, а во Статни Операта „Кози Фан туте“ од Моцарт. Уште долго ќе ги паметам визуелните претстави „Мечтаење“ и „Абсент“ од нашиот режисер Иван Поповски, изведени на „Охридско Лето“, а како уметнички простори кои пленат ги издвојувам Операта Гарние во Париз, Опера Хаус во Сиднеј и изворите на Дрим кај Свети Наум.

OhridNews: Колку е тешко или лесно да се одржат старите пријателства? Колку тебе тоа ти успева?

Н.К.: Моето најстаро другарство датира од 1976-тата година, трае 40 години и продолжува натаму, иако веќе 27 години функционира на географска далечина. Тоа се тие сродни души со кои темелот на другарството е толку цврсто „армиран“ што ни земјотрес не може да го размрда, а муабетот  продолжува како никогаш да не застанал. Имам пријатели со кои сум учела од забавиште до матура, гимназиски цимер, другарка со која по 27 години никаков контакт, се сретнавме повторно на фб пред 5 години и сега сме неразделни, иако е илјадници километри далеку. Јас сум иницијатор и организатор на средбите со другарите од средно растурени на сите континенти, што ми ја греат душата со искрена љубов. Имам друштво од студентските години, со кое го споделив животот низ многу подеми и падови и незаборавни патувања, а пријателите од Охрид што живеат во Австралија се мое семејство на другата страна од светот. Имам пријателства и од понов датум, без кои животот во Скопје би ми бил незамислив. Тука се и новинарските пријателста од времето кога заедно „палевме и гасевме“ во медиумскиот простор и новите пријатели од патувањата. Комуницирам со леснотија, а и со роднините негувам пријателски релации, за што е потребна голема енергија, доста време и жртвување. Пријателите се моето најголемото богатство!


Со Лилјана- другарска љубов која трае 40 години


Со школските другари

OhridNews: Омилено место во Охрид кое секогаш има „моќ да ти ги наполни батериите“?

Н.К.: Да го откријам? Тоа е патеката за пешачење од Чинарот, под Стариот градски часовник кон Горна Порта, на северната страна низ шумата под Самоиловата тврдина, каде се чувствувам како „Алиса во земјата на чудата“. Моето скриено катче со многу зеленило, опоен мирис на бајамите и сини хоризонти, за што вреди да те касне и по некој крлеж. „Исусовата шумичка над Лабино“, со најотворен поглед кон сината езерска шир, патеките низ боровата шума послани со суви иглички кон Самоиловата тврдина и Плаошник, тесната патека над карпите со жолти цвеќиња до Канео, е просторот кој ме релаксира, облагородува и исполнува со хармонија. Потоа продолжувам по брегот или низ стариот дел од Охрид кон кафулињата со најпрекрасен амбиент и поглед кај Ј’но и Сараиште или на градскиот плоштад. Без оваа прошетка не ми минува ниту едно доаѓање во Охрид, а тоа го правам од поодамна. Охридското Езеро има огромна моќ над мене, секогаш ме смирува, разведрува, исполнува со убавини и усреќува, во секаков миг од животот, јас и тоа сме си најверните другари, со безрезервна, неусловена и неповредлива љубов. Батериите ги полнам и на дивите плажи пред и по Градиште, во Трпејца, Свети Наум и на падините на Галичица од каде езерото и Охрид се гледаат како на дланка.


Покрај Охридското Езеро

OhridNews: Повеќе би се одлучила за убаво парче облека или убав накит?

Н.К.: Јас не сум личност на која и значи она што е на нас, туку многу повеќе она што е во нас. Не сум формалист, копам многу подлабоко под површината и умеам да чекам да видам што се крие внатре во човекот. Сепак, сакам да изгледам убаво, пред сè пристојно, мислам дека имам препознатлив стил, неконвенционален, особено за приватниот живот, со бои и модели кои се провлекуваат низ годините и некој моден трендовски детал кој покажува дека сепак сè се менува и доаѓа ново. Ако треба да изберам меѓу убава облека и убав или скап накит, секогаш се одлучувам за накит, затоа што тој има трајна вредност, која не минува, ниту губи од себе низ времето и се пренесува низ генерациите, тоа дава печат на личноста, на жените- дамите во едно семејство. Научив дека нешто што некогаш ни изгледало недостижно, во друг момент ни станува достапно и дека сè што може да се плати со пари, може да се има. Ми се случило цела плата да ја потрошам за уникатен фустан за посебен момент и неколку плати да дадам за вреден накит, ама само ако тоа мене ми причинува големо задоволство и среќа. Нели среќата нема цена?

OhridNews: Омилени македонски музичари?

Н.К.: Во последно време една песна ми ѕвони во ушите и ми го одбележува животот. „За нас почнува живот, со ново име и нова страст“ е музичка нумера од постар датум од легендата на македонската музика Драган Ѓаконовски-Шпато, испеана од Даниела Панчетовиќ, препеана од современи македонски интерпретатори. Сакам музика и автори кои ме чепкаат длабоко во душата и доаѓајќи во вистинско време, ги наоѓаат вистинските зборови, ме разгалуват со нотите, кои се  добро и вешто спакувани, што изгледа лесно, а тешко се прави. Ваквата музика има текст и мелодија што кажуваат многу повеќе за нас, за некои личности и случки од нашиот живот, отколку што самите би умееле да објасниме, да доловиме. Сакам кога музиката зборува наместо мене, кога ми поттикнува асоцијации, ми буди спомени, мами посебен израз во погледот  и насмевка, кога ми дава инспирација, надеж, верба и желба за нови животни подвизи, пред сè во мене, но и околу мене. „За нас почнува живот“ е токму таква песна!


Со Тоше на аеродром помеѓу две патувања

OhridNews: Кои особини кај луѓето особено ги цениш?

Н.К.: Човечноста, искреноста, чесноста, отвореноста и хуманоста се човечки особини со најголемо значење за мене. Тоа е нешто што се учи од мали нозе, тоа е она домашно воспитание што се добива со семејниот ген, ти го даваат родителите и се носи цел живот. Ги ценам едноставноста, стабилноста, лојалноста, толерантноста, стрпливоста и спокојот кај луѓето, тоа се поседува, но и се гради со искуството низ животот, како и трудољубивоста, упорноста, постојаното учење, непотклекнувањето, способноста да се кренеш од калта и да се издигнеш уште почист, посилен и повреден. Ме излудува лагата, дволичноста, лицемерието, превртливоста, интригите и пикањето под кожа за лична корист. Ги ценам посветеноста и професионалноста, сакам сè што правам да тежнее кон перфекционизам, без импровизации и аматеризам. Ми значи свесноста за потеклото, коренот и припадноста, затоа секогаш кажувам дека сум од Охрид, со Кепеско потекло по татко ми од Прилеп и влашка жица по мајка ми, со генетски потенцијал за пишување и негување на македонскиот јазик. Сакам космополити, неограничени луѓе, без маски, без омраза и срам, хедонисти кои со широка насмевка уживаат во секој миг од животот со сите сетила. Најмногу од сè ја ценам љубовта, која е највкусниот и неопходен зачин без кој нема убава храна, камоли убав и среќен живот!

Тања Кувенџиска