Успешни и реализирани во професионалниот и приватниот живот голем број охриѓани оставаат неизбришлива трага меѓу своите сограѓани. OhridNews ви открива како тие го минуваат своето слободно време, која е нивната омилена музика со која се релаксираат, колку наоѓаат време за своите пријатели…

Томислав Тунтев – Доктор на науки, првиот дипломиран инженер за воздушен сообраќај и транспорт во Република Македонија, универзитетски професор, актуелен пратеник во Собранието на РМ. Сценарист, глумец и режисер во охридскиот аматерски драмски театар, уредник и водител на голем број телевизиски и радио емисии, сопственик на ноќен бар, ди-џеј, автор на низа песни за детскиот музички фестивал „Распеано рибарче“, автор на две монографии, десеттина учебници и стручни прирачници и трудови од областа на воздухопловството, писател (автор на романот „Светиот завет“)…што би рекол и самиот Тунтев- „ веќе не памтам и самиот шо све сум работел и се занимавал во животот“.

OhridNews: Како најчесто Ви започнува денот?

Т. Тунтев: Ако е работен ден, рано изутрина се подготовувам за работа во Парламентот. Тоа подразбира прелистување, читање и печатење на работните материјали, барање и анализа на потребните информации, листање на најновите вести на информативните интернет портали, проверка на електронската пошта и патување со мојот автомобил до Скопје. За разлика од тоа, во викендите денот ми започнува со хитовите од VH1 Classic, со читање книга и со ладно нескафе.


На Охридскиот аеродром

OhridNews: Омилен начин за релаксирање после напорен работен ден…

Т. Тунтев: Заземање задолжителна полу-хоризонтална положба на мојата омилена фотелја во дневната соба дома и гледање на најновите епизоди од нашите омилени серии Scandal, The Blacklist, Suits, How to get away with Murder, Empire, Homeland, Extant или некој добар трилер – акција од најновите американски филмски хитови, во кругот на моето семејство. Исто така, многу сакам кога имаме прилика да одгледаме некоја нова театарска претстава во охридскиот театар.


Со семејството во Св. Наум

OhridNews: Препознатлив сте по широкиот круг на пријатели. Како најчесто Ви минуваат средбите?

Т. Тунтев: Охриѓани многу често имаат обичај да кажат – и за арно, и за лошо, љуѓе требет. Дружењето со пријателите секогаш ми претставува вистинско задоволство, незаменливо искуство и омилена релаксација. Се трудам на нашите средби со пријателите што е можно помалку да зборуваме за политика, а што е можно повеќе за убавите работи што му даваат смисла на животот. Убавите моменти, мисли и чувства имаат смисла само кога се споделуваат со најблиските. Најдобро е кога таквата дружба е пропратена со добра забава и жива свирка во некој од охридските локали, каде што човек може да и‘ се препушти на веселата атмосфера, да запее, да заигра и да се опушти во добро расположение.


Со пријателите

OhridNews: Меѓу бројните искуства во различни сфери, малкумина знаат дека извесен период запливавте и во кулинарските води…
 
Т. Тунтев: Ха, тоа беше многу одамна, во доцните 80-ти години, уште како студент, кога во текот на летните месеци, заедно со брат ми, држевме едно кафеанче во охридскиот пазар. Таму подготвуваме и служевме чорби и гулаш за пазарџиите, но и за сите други случајни намерници. Наши чести гости беа сопствениците на ноќните угостителски локали, кои секое рано утро ни доаѓаа на шкембе чорба „на трезнење“, но и нашите другари и пријатели, чие омилено место за дружба после плажа беше токму тоа кафеанче. Многу ми е мило што ме потсетивте на тоа незаборавно искуство, на едни поубави и посреќни времиња, кога многу порелаксирано и поспокојно се живееше. Се сеќавам дека тогаш главен секојдневен проблем ни беше дали запршката за гулашот ќе испадне густа или ретка, или што би рекле охриѓани „дебела аљ кночка“.

OhridNews: Има ли некој специјалитет „ А ла Тунтев“ што го подготвувате за семејството и пријателите?

Т. Тунтев: Да, мојот утрински „А ла Тунте“ специјалитет се вика „тарана со к‘ш‘јчина“ и обично го подготвувам за цело семејство во недела наутро за појадок. Моите омилени летни специјалитети се „пршута со пепун“ и „ леб, карпуз и сирење“; исто така, постои и десерт специјалитет „А ла Тунте“ – тоа се две палачинки во комбинација со мед, ореви, плазма, нутела, мармалад, слатко од мали смокви и цимет. Со пријателите имаме обичај да кажаме дека овој десерт „мават в уши од благојна“. Сепак, морам да признам дека не сум нешто многу вешт в кујна, така што за омилениот десерт палачинките прво треба да ги направи жена ми, па потоа јас да ги „ стокмам“; впрочем, освен овие 2-3 лесни специјалитети што Ви ги спомнав, за се‘ останато во исхраната за нашето семејство се грижи и го подготвува мојата сопруга. Омилени ми се „заборавените вкусови“ од моето детство на „старовремските“ специјалитети, што некогаш, кога бев дете, ги готвеа моите баби и мајка ми: комат, мазник, топејнца, кошмишпите, пита со зеље, пељте, шеќерпаре и сл.


Со сопругата Виолета во Амстердам, Холандија

OhridNews: Незаборавни семејни патувања?

Т. Тунтев: Сите патувања со семејството се на некој начин незаборавни, затоа што секој момент поминат на одмор со најмилите е непроценлив, незаменлив и неповторлив, независно од тоа каде било патувањето. Вистинска скапоценост е времето што човек го поминува заедно со своето семејство, посебно кога тоа се случува за време на некое заедничко патување и престој во било кое место. Сепак, од аспект на егзотичност и уникатност, овде би го издвоил нашето патување по фјордовите на брегот на Норвешка. Да се посети Норвешка претставува едно посебно и уникатно доживување, затоа што таму квалитетот на животот на луѓето е на многу високо ниво. Јас имам обичај да речам – тоа е живот на една друга планета.


Во Берген Норвешка

OhridNews: Земја или град кој од секогаш сте сакале да го посетите, но до сега не сте имале можност?

Т. Тунтев: Ја имав таа среќа да посетам многу држави и градови на европскиот континент во текот на моите многубројни службени и приватни патувања, изминатите 30 години. Сепак, до сега сум немал можност, а имам голема желба да отпатувам во Португалија.

OhridNews: Најромантичното нешто што сте го направиле за Вашата сопруга?

Т. Тунтев: Хмм, тоа ќе треба неа да ја прашате, но сепак мислам дека тоа беше патувањето во Франција и тродневниот престој во градот на љубовта и светлината – Париз, по повод 10 годишнината од нашиот брак. Не верувам дека има нешто поромантично од ноќно крстарење под париските мостови по реката Сена, од величествената панорама на Париз од врвот на Ајфеловата кула, од проштека низ многубројните уметнички платна по калдрмата на Монмартр, од кафе и кроасан наспроти Нотрдам или од погледот на Мона Лиза од уникатната слика на Да Винчи во Лувр.

OhridNews: На што сте особено горд?

Т. Тунтев: Горд сум на многу работи што сум ги постигнал и остварил во животот – горд сум на моите бројни професионални достигнувања, стручни остварувања и научни титули во областа на воздушниот сообраќај; горд сум на моите остварени постигнувања во уметничкиот, културниот, забавниот, општествениот и политичкиот живот на Охрид; горд сум на мојот прв роман „Светиот завет“ посветен на Охрид и охриѓани; горд сум на моите студенти, на моите колеги, пријатели и соработници; горд сум на секој успешно спроведен и реализиран проект, што сум го замислил и зацртал во било која сфера од општественото живеење. Сепак, најмногу сум горд на моите деца – ќерка ми и син ми – тие секојдневно и непрекинато, и мене и на мојата сопруга, им даваат смисла на нашите животи и на нашето постоење.

OhridNews: Ве допираат ли озборувањата, како реагирате на нив?

Т. Тунтев: Мене ми се важни мислењата и ставовите на луѓето што ги сакам, што ги почитувам, што ги ценам и што ми значат нешто во животот. Затоа, воопшто не се осврнувам на озборувањата и воопшто не ми се битни. Само со личен пример, со посветено, упорно, истрајно, искрено, чесно и одговорно залагање и ангажирање, човек ќе покаже дека неоснованите озборувања воопшто не се вредни за да се занимавате со нив.
 
OhridNews: Лесно простувате?

Т. Тунтев: Од нашите вековни, високи и светли традиционални вредности учиме дека човечки е да се згреши и човечки е да се прости. Охриѓани имаат обичај да речат – љуѓе прает, љуѓе расипвет. Простувањето е одлика на големите луѓе, на оние кои знаат и умеат да се издигнат над сопственото его и суета. Простувањето е чин на човечност, на доблест и на компромис. Сепак, простувањето е многу логично и прифатливо кога ќе настапи по искрено извинување или каење. Се разбира, јас знам да простам, но не заборавам.

OhridNews: Со каква музика се релаксирате?

Т. Тунтев: Мојата омилена музика, за потпевнување, за забава и за добро расположение, е поп-рок музиката од 80-тите години, како од странската, така и од тогашната југословенска музичка сцена. Кога нешто работам, најчесто се релаксирам со smooth jazz музичките нумери од многубројните џез радио станици на интернет. Исто така, многу ги сакам изворните македонски народни песни и ора, и староградските охридски песни, како и нивните современи стилизирани кавер изведби од популарните поп-рок изведувачи.   


Со мајката професорката Поликсена Тунтева

 OhridNews: Потекнувате од познато охридско семејство. Колку старата охридска традиција ја негувате и ја пренесувате на Вашите деца?

Т. Тунтев: Негувањето на локалните традиционални семејни вредности од охридското поднебје за мене претставува ултимативен животен пример и патоказ, од непроценливо значење за зачувување на нашето битие. Од есенцијална важност е да го зачуваме и да го заштитиме нашето културно и историско наследство, односно да ја негуваме старата охридска традиција. Јас упорно се трудам старата охридска традиција и нашите духовни и световни вредности секојдневно да им ги пренесувам на моите деца. Чествување на големите православни верски празници и практикување на старите семејни адети и обичаи – визита (именден), слава – редовно го практикуваме во нашиот дом, исто онака како што се практикувало со години наназад, од моите родители и од нивните родители. Вистинските потврдени животни вредности, кои се‘ почесто ги подзабораваме со современиот начин на живеење во вакви неизвесни и бурни времиња, извираат од мудроста и ингениозноста на нашите славни охридски претци. Ние овде имаме голема среќа и многу сме повластени со тоа што сме се родиле и што живееме во овој старозамански град и што секојдневно ги чувствуваме благодетите и духот на нашето природно, историско и културно наследство.

Тања Кувенџиска