Правда наместо реваншизам, е пораката којашто претседателот Ѓорге Иванов повеќе пати ја потенцираше во своето годишно обраќање од Собранието. Тој порача дека насилниците од 27 април треба да одговараат, но одговорноста, како што рече, да не се генерализира. „Видовме пратеници со лисици на рацете без симнат имунитет, но и граѓани на здружението „За заедничка Македонија“ кои два месеци мирно протестираа. Не можам да не ги поддржам барањата на граѓаните.  Потребна е правда наместо реваншизам“, порача Иванов.

Во таа насока претседателот испорача три барања: Закон за обновување на постапките кои имаат индиции за кршење на човекови права, граѓанска и кривична одговорност на оние кои монтирале случаи, и отстранување на генераторите на кризата со цел враќање на довербата на граѓаните во институциите.

Иванов се осврна и на спорот со јужниот сосед. Рече дека ја поздравува одлуката на Владата за заедничко изнаоѓање на решението за името. Тој додаде дека двете влади треба да работат на интензивирање на градење на мерките на доверба. „Не сум ниту песимист ниту оптимист, реалист сум во однос на решавањето на проблемот со името.Упатувам дека треба да се работи на изнаоѓање решение, но да се води сметка, тоа да не задира во националниот иднетитет и да се  почитува на меѓународното право“, рече Иванов. Иванов во својот говор посочи дека се залага за градење на добрососедски односи, регионално поврзување на земјите од Балканот и решавање на заеднички прашања. Тој го поздрави и договорот за добрососедство со Бугарија и порача дека двете земји треба да го спроведат во интерес на двете држави.
Тој додаде дека не се меша во работата на црквата, но очекува дека со овој договор ќе се отвори пат за решавање на прашањето на МПЦ.

Инаку, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ денес се вратија во собранието за да го следат обраќањето на претседателот Ѓорге Иванов откако неколку седници го бојкотираа парламентот поради притворот на нивните колеги, осомничени за настаните од 27 април. Во собраниската сала присутен беше и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој е сега пратеник. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ денеска треба да одлучат дали ќе се вратат во Собранието или ќе продолжат со бојкотот.

OhridNews
Макфакс