Претседателот Ѓорге Иванов оцени дека состојбата на јужната граница е со висок ризик, пред сé, поради тоа што станува збор за насилни акти врз полицијата и армијата. Македонскиот претседател потенцира дека ангажирањето на полициските и армиските сили на границата ги троши ресурсите коишто треба да бидат посветени на другите закани со коишто се соочува Европа, како резултат на враќањето на борците кои се на боиштата.

Иванов изјави дека во моментов има 110 македонски државјани кои се во Сирија, 69 се вратени, а досега 25 го загубиле животот.

„ Наместо полицијата да ги користи ресурсите за следење и за превенирање на можни непосакувани акти од такви лица, нашите ресурси се на границата, да се справуваат со мигрантската и бегалската криза. Затоа и на средбата со генералниот секретар на ОБСЕ повторно го отворив прашањето за програмите кои што ги има ОБСЕ за дерадикализација, за да не можат повеќе млади луѓе од Македонија да одат на боиштата, а за тие коишто се веќе вратени да имаме контрарадикализација, бидејќи тоа е и улогата на ОБСЕ како организација. Но, тука е прашањето со Исламската верска заедница, која ќе мора да води повеќе сметка за сите овие случувања. Затоа неодамна имавме и разговор со припадниците од Исламската верска заедница (ИВЗ) и со реисот. Тие се навистина во една многу деликатна состојба, и ќе треба разбирање и поддршка од другите институции кон ИВЗ“, рече Иванов.

Иванов посочи дека на средбата со германската канцеларка Ангела Меркел, одржана во Париз, ја запознал со информации што ги има од надлежните институции на Македонија, дека се зголемува бројот на мигранти кои доаѓаат од Африка и од Азија. Од Меркел добил уверување, дека Македонија мора да има поддршка, не само од земјите кои се на линијата на коридорот, туку и од сите членки на Унијата.

OhridNews

извор Макфакс