Претседателот Ѓорѓе Иванов ги повика граѓаните во недела, 11 декември, да излезат и го остварат своето право на глас и да ја исполнат граѓанската  должност.

– Повикувам да гласате по сопствено убедување и да ја дадете довербата на онаа политичка партија и опција за која верувате дека е најдобриот избор за вас и за Република Македонија. Ги повикувам сите кои се вклучени во изборниот процес да покажат достојно ниво на политичка култура и да го почитуваат Уставот и законите на Република Македонија. Ги повикувам надлежните институции задолжени за регуларноста на изборниот процес да дејствуваат согласно законските норми и правила. Да не подлежат на никакви притисоци и да немаат толеранција, ниту милост за оние, кои на каков било начин, ќе се обидат да го попречат, или нарушат изборниот процес. Како држава, не смееме да дозволиме да има ниту еден аргумент за оспорување и дискредитирање на изборниот процес, рече Иванов.

Претседателот во своето обраќање до граѓаните додаде дека очекува на 11 декември едногласно да биде поздравена и признаена волјата на граѓаните, која ќе го означи почетокот на крајот на политичката криза и, како што рече, ќе претставува почеток на национално помирување во Република Македонија.

OhridNews