Пратениците со 72 гласови „за“ и 37 против, го донесоа Буџетот за 2017 година со кој вкупните приходи се планирани на ниво од 187 милијарди денари, вкупните расходи се на ниво од 206 милијарди денари или за 4,5 отсто повеќе во однос на годинава. Буџетскиот дефицит е предвиден да изнесува три отсто од БДП, односно 18,6 милијарди денари. Предлогот го образложи министерот за финансии Кирил Миноски кој рече дека главен приоритет на овој стратешки документ е поддршка на приватниот сектор и дека со него се обезбедува редовна исплата на плати, пензии, социјална помош и подмирување на другите потреби на граѓаните. Капиталните инвестиции се планирани на 26,95 милијарди денари.

„Предлог буџетот за 2017 година се темели на три основни постулати. Тоа се развој, кој базира на високиот износ на капитални инвестиции, социјална заштита на најранливите категории граѓани и етапно намалување на буџетскиот дефицит за да се постигне фискална консолидација на среден рок“, рече министерот Миноски.

Тој очекува растот на економската активност следната година ќе биде придвижен од извозот на стоки и услуги, за кој проектирале раст од 6 проценти на реална основа, кој се базира на очекувањата за извозна активност на капацитетите во слободните економски зони. Тој потенцира дека се очекува дека со спроведувањето на предвремените парламентарни избори во декември политичката криза во земјата ќе се разреши, што ќе влијае позитивно врз очекувањата и довербата на домашните компании. Според него ова ќе придонесе за зголемен раст на инвестициите и потрошувачката, но ќе прати и позитивен сигнал кон странските инвеститори.

Бруто инвестициите се проектирани да растат за 4,5 отсто, засновано на планираните инвестиции на јавниот сектор и на очекувањата за постепен раст на приватните инвестиции. Во делот на социјалата се обезбедува заштита на стандардот на најранливите категории на граѓани: пензионерите, социјално ранливите категории и земјоделците. Со Буџетот за 2017 година се гарантира редовна исплата на плати, пензии, социјална помош и подмирување на другите потреби на граѓаните и сервисирање на останатите обврски на државата. Го најави зголемувањето на ноемвриските пензии на повеќе од 300.000 пензионери кои ќе добијат зголемување од околу 670 денари или во просек од 5 проценти.

Миноски најави дека за капитални инвестиции, издвоена е значајна сума, највисока досега, во насока на поддршка на економскиот развој. Проектирани се на ниво од 27 милијарди денари што е за 4,62 милијарди денари повеќе од годинава, или 20,7 отстораст на капиталните инвестиции.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугарески рече дека опозицијата нема да го поддржи предложениот Буџет, затоа штоп во „вакви Буџети повеќе никој не верувал“.

Орхан Ибраими од ДПА најави дека и нивните пратеници нема да го гласаат Буџетот, што според нив е антиалбански и воопшто не се разликува од претходните.

По редовната пауза, пратениците ќе треба да расправаат и да ги гласаат останатите точки од дневниот ред, по што ќе следува одлуката за распуштање на Парламентот, во пресрет на предвремените парламентарни избори на 11 декември.

OhridNews
извор Макфакс